5 градови за архитектурата
Како заокружување на тригодишниот проект за попис на архитектонското наследство, на 7-ми ноември годинава во Куќата на Касапови беше отворена изложбата насловена „5 градови“. Изложбата ја одразува соработката на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство и Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност во рамките на Програмата за децентрализираната соработка на Република Македонија со регионот Долна Нормандија, Република Франција. Изложбата содржи фотографии на автентични урбани бисери во Велес, Кратово, Штип, Берово и Куманово како и материјали од пописот на наследството.
На свеченото отворање присутните ги поздравија проф. Гоце Хаџимитревски, технички координатор на македонската асоцијација и д-р Горан Јовиќ, заменик-градоначалник на Велес. Изложбата ја отвори Александар Фоло, директор за европски прашања и меѓународна соработка на регионот Долна Нормандија кој најави продолжување на соработката во периодот 2014-2016 година во сите утврдени области од взаемен интерес меѓу кои и заштитата на урбаното наследство. На изложбата што го освои чардакот на познатата „Куќа што лебди“ се прикажани вкупно 41 објект во петте македонски градови. Во соработка со Народниот музеј Велес, изложбата беше збогатена со графики и макети на архитектонските бисери на Велес изработени од локални уметници. На изложбата присуствуваше градоначалникот на Општина Берово, Драги Наџински, претставници на асоцијацијата АЛДА, архитекти од петте градови и граѓани на Велес.