74 години од излегувањето на стихозбирката „Бели мугри“
Пред 74 години, се родија шестотини и дванаесет стиха, дваесет и три поетски целини и дванаесет одделни поетски наслови. Нивната појава се зема како еден од најважните настани во македонската литература, се третира како исклучителен датум на македонската култура воопшто. Во една сочувана одломка од есејот „Македонската народна песна“, Рацин ја објаснува генезата на неговите „Бели мугри“:
„Кога се пеат македонските песни, еден силен, широк бран, полн неисцрпна мака и длабочина ни ја преплавува душата. Во нас воскреснуваат изминатите дни, тиха жалба и најсокровените чувства на нашето срце. Сето она што можело во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната. Во неа е сокриена тагата на мајката, потемнета од жалост, пресвиткана над огништето каде што огнот нечујно гасне, сокриен е безнадежниот глас на ветрот што полека замира во оџакот, сокриени се непоимливите моменти на љубовта, растреперените радости, тихиот шепот на расцутените нарциси в поле и екотот на белите столетни букови стебла. Само увото и срцето на оние што ги преживеале, ќе можат да ја дочараат таа потајна, скриена убавина“.
Овие ретко инспиративни искажувања од записот на Рацин, неоти се неговата авторецензија за „Белите мугри“.
Слушајќи ги стиховите од „Белите мугри“, се уверивме и самите: та, зарем навистина нема во овие песни, како и во нашата историја - „многу тага... трогливо спокојство... плач и мака, но и надеж!“, та, зарем не се „Белите мугри“ - „песна на Македонија... нејзина молитва... огледало на нејзината душа и нејзина воздишка“, та, зарем не се песните во „Бели мугри“ - „моменти што се граничат со екстаза, како набраната мака, длабока и интензивна“, како што пишува поетот.
Големината на овие стихови е во јазикот на кој се напишани – НАШИОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, но нивната универзалност е во јазикот на кој се интерпретираат, а тоа е – ЈАЗИКОТ НА ПОЕЗИЈАТА. На сите јазици тие звучат исто – РАЦИНОВСКИ.
Тоа беше инспирација за професорите Александра Стојановска и Јовица Темови и учениците од Гимназијата Кочо Рацин, да се слушне Рацин таков, каков што сите добро го познаваме, но и Рацин таков, каков што некои од нас помалку го познаваат. Низ протест, клетва, таговност, сочувство и верба во човековата љубов, слушнавме за кого Рацин пее, за чии маки зборува и зошто така пее.
По обраќањето на директорот на СОУ Гимназија „Кочо Рацин“, м-р Саше Андреевски, за историјатот на излегувањето на Рациновата стихозбирка, воведно излагање имаше нашата сограѓанка – проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова.