Достоен простор за најубави моменти
Од 10-ти ноември 2006 младите брачни двојки во Велес имаат можност да склучат граѓански брак во новата сала за венчавање. Атрактивниот простор кој овозможува единствен амбиент за овој значаен миг во животот на младите велешани се наоѓа во новиот објект - Ликовен салон.
Просторот е уреден со декоративен мебел, со копаничарски елементи, кој специјално за оваа пригода го изработи велешкиот копаничар Љубомир Бисин.

Просторот во Ликовниот салон каде е сместена салата за склучување на граѓански бракови е создаден наменски за организирање на ликовни изложби и други културни манифестации.
Во моментов во ликовниот салон е изложена поставката од втората сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“. Со ова конечно младите брачни двојки добија можност најубавите мигови да ги поминат не само во наменски простор, туку и простор оплеменет со уметнички вредности.

Првиот граѓански брак во новата сала за венчавање, беше склучен само еден ден по отворањето на салонот, на 10-ти ноември годинава.

Општина Велес на сите млади брачни двојки им го честита стапувањето во брак и им посакува среќа, разбирање, благосостојба и пред се многу љубов во животот.