ОВИЕ ДВА ДЕНА ВО ВЕЛЕС СЕ СНИМА ЕМИСИЈАТА „ТАЛКАЧИ” НА МТВ
Денес од Општина Велес започна дводневното снимање на емисијата "Талкачи" во продукција на Македонската телевизија. Во рамките на планираните активности ќе се снимаат десетина локации низ Велес и околината, како градскиот саат, куќата на Кочо Рацин, Варналиите, храмот Св. Вмч. Пантелејмон, Црн камен, Езерото Младост и други. Реализацијата на оваа емисија беше поттикната од Катерина Групче и Илија Грујоски кои воедно се и авторите на емисијата која што веќе трета сезона по ред се емитува на МТВ сега во термин секоја недела во 18.50 часот.
Снимањето и емитувањето на „Талкачи” на националната телевизија е од големо значење за промоција на градовите и другите места низ државата, како и нивно ставање во функција на туристичката понуда на регионите каде тие се наоѓаат. Општина Велес и Градоначалникот Славчо Чадиев, упатуваат јавна благодарност до екипата од МТВ како и до сите останати жители од општината кои со своето лично кажување и посветеност, ќе допринесат за снимањето на оваа емисија.