Општина Велес е најдобар организатор на волонтерска работа
Вчера на одбележувањето на Меѓународниот ден на волонтерите Општина Велес ја доби Националната награда за најдобар организатор на волонтерска работа во Македонија. Наградата ја додели Министерството за труд и социјална политика кој распиша конкурс за Национални волонтерски награди. Апликацијата на Општина Велес е најдобро оценета, што значи дека општината е оценета за најдобра на планот на организирањето на волонтерското ангажирање. Инаку, во Општина Велес, според Законот за волонтерството, ангажирани се 12 волонтери. Тоа се млади луѓе со завршено високо образование од разни струки. Тие се ангажирани во сите одделенија и дејности и им се дадени работни задачи во согласност со нивните струки, знаења и вештини.
Изминатиов период волонтерите учествуваа во културните манифестации што ги организираше Општина Велес, потоа во реализацијата на проектните активности од доменот на социјалната заштита, грижата за стари лица, СОС линијата, „Топол дом“ ,Граѓанскиот сервис центар, но и во работата со посебните групи на граѓани на кои им е потребна помош. Волонтерите се вклучени и во секојдневните активности на Општина Велес со што имаат можност целосно да се запознаат со процесот на работењето, но и со надлежностите и можностите на Општината.
Општина Велес важи за една од општините со мал број на вработени. Со ангажирањето на волонтерите се олесни работата на вработените во општинската администрација, се почувствува позитивизам во средината и волонтерите сосема успешно се вклучија во тимското работење, што е препознатлив белег на општината. Од друга страна пак, се придонесе овие млади луѓе желни за работа да ја почувствуваат работната атмосфера, да го покажат своето занење во праксата и да го почувствуваат задоволството од успешно завршената работа. Вработените пак, нештедејќи го своето знаење и искуство ги прифатија младите волонтери, ги воведоа во работата и ги направија дел од својот работен тим.
Преку вклучувањето на волонтерите од различни струки во сите дејности на Општината што се од нејзина надлежност, практично се обезбедуваат подготвени човечки ресурси, обучени за потребите на институцијата која е организатор на волонтерската работа, во случајов, Општина Велес.
Од името на Општина Велес, градоначалникот Славчо Чадиев на ангажираните волонтери уште еднаш им посакува успех во нивното натамошно работно ангажирање, да бидат така одговорни и ефикасни независно каде ќе го стекнуваат својот работен стаж, а на сите работодавачи што имаат можност да ангажираат волонтери тоа да го сторат што поскоро и да се уверат во позитивните резултати од волонтерското ангажирање.