Презентација на индустриските зони Караслари и Речани 2

Се менуваат работите во Велес. Економијата вистински станува приоритет за општината. Барањата на бизнисмените стануваат обврска за локалната власт. Во тој правец, денес, градоначалникот Славчо Чадиев заедно со стручни лица од општинската администрација пред преставниците на бизнис секторот од градот ги презентираа парцелите од индустриските зони Караслари и Речани 2. Зоната во Караслари се простира на површина од 24 хектари додека Речани 2 е со површина од 14 хектари. Градоначалникот Чадиев на денешната презентација истакна дека целта на општината е на велешките бизнисмени да им се презентираат напорите за заживување на економијата но и да се согледа нивната желба и интерес за инвестирање во индустриските зони.

„Се што е во мојот и доменот на локалната администрација ќе се направи за да се намали невработеноста во Велес затоа што ние дадовме ветување пред велешани дека ќе го развиваме локалниот економски раззвој и сите наши скромни средства се насочени кон развој на индустриските зони” – напомена градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев.

Постапката за индустриската зона Караслари е целосно завршена. Наскоро парцелите ќе можат да се продаваат за цена од по едно евро за метар квадратен на јавно наддавање со 5% за комуналии. Во месец Април предвидено е завршување на деталниот урбанистички план за индустриската зона Речани 2, со што и таа ќе биде подготвена за новите инвеститори. Преставниците на бизнис секторот од градот, ја поздравија денешната средба и презентација на индустриските зони. Тие сметаат дека ваквите напори на Општината Велес претставуваат силен исчекор во потврдата дека Велес е позитивно место за водење на бизнис.