Поставени канти за измет од миленици
Изминативе денови ЈКП Дервен постави канти за измет од миленици и информативни табли за опасност од расфрлање на отровни материи во урбани средини на повеќе локации во градот, поточно во Градскиот парк, Младински парк, паркот кај зградата на Општина Велес, долж улицата Благој Ѓорев и во паркот кај Автобуската станица. Кантите за отпадоци од миленици се обезбедени од страна на Центарот за институционален развој ЦИРа и Здружението за заштита на животни „АНИМА МУНДИ“ а со донација од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Тие во согласност со Меморандумот за соработка потпишан со Локалната самоуправа на Општина Велес за проектот “Јакнење на капацитетите на органите на ЕЛС и оптимизирање на јавните услуги - преку иновативност во механизмите на комуникација, до (по)добро владеење”, ја обезбедија оваа урбана опрема. На овој начин, веруваме, дека ќе се придонесе за одговорна грижа кон животните, животната средина, како и конечно сериозно согледување на опасностите од расфрлање отрови – за труења повеќе да нема. Апелираме до сопствениците на домашни миленици активно да се вклучат во оваа иницијатива за почиста животна средина.