Заврши проектот за енергетска ефикасност во Општина Велес
Во периодот од јануари 2013 до јануари 2014 година во oпштина Велес се спроведе проектот „Преку енергетска ефикасност до намалена емисија на CO2 -намалени климатски промени“. Проектните активности ги спроведува Здружението за едукација, комуникација и консалтинг „ОХО“ од Скопје, а партнер на проектот беше Oпштина Велес. Генерална цел на проектот беше намалување на климатските промени преку намалена емисија на CO2 во воздухот преку имплементација на мерки за енергетска ефикасност и замена на светилките со штедливи во Гимназијата „Кочо Рацин“, Средното стручно општинско училиште „Димитрија Чуповски“ како и во основните училишта „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, „Благој Кирков“, „Васил Главинов“ и „Св. Кирил и Методиј“.
Меѓудругото целта беше и да се едуцира локалното население за придобивките од преземањето мерки за енергетска ефикасност и да се подигне свеста за заштеда на електрична енергија и штетното влијание на СО2. Во рамките на овие активности денес во ООУ „Блаже Конески” се одржа завршниот настан од проектот, каде што пошироката заедница имаше можност одблиску да се информира за енергетската ефикасност, но и да се подигне свеста за преземање конкретни активности за намалување на климатските промени и заштита на животната средина, како и да се прослави успехот што го постигна овој проект.На крајната манифестација свое обраќање имаше и градоначалникот Славчо Чадиев кој истакна дека грижата за здравата животна средина, поттикнувањето на младите за обезбедување на здрави животни навики преку вештините како да се постигне тоа, се едни од приоритетните задачи кои училиштата треба ги реализираат во рамките на своите редовни активности.
Инаку вкупната сума на проектот изнесуваше $53.352, од кои $25.966 се обезбедени од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а $27,386 се учество на Општина Велес и Здружението за едукација, комуникација и консалтинг „ОХО“ од Скопје.