Посета на училиштата на крајот на календарската година

Образованието е еден од врвните приоритети во работата на Општината. Директната надлежност од основањето на училиштата, па до решавањето на сите проблеми што се јавуваат во образованието е поврзана со Општината – со Советот и со Градоначалникот. Одтаму и потребата за континуирана и директна комуникација со директорите и вработените во училиштата. Имајќи го во предвид сето тоа на крајот на календарската година, градоначалникот Славчо Чадиев оваа седмица ќе ги посети сите средни и основни училишта во општината.

Денес посета беше остварена на ООУ „Рајко Жинзифов” каде што беше остварена заедничка средба со сите вработени кои се директно одговорни за формирањето на младата генерација велешани како од аспект на нивното образование, така и од аспект на воспитување и насочување кон вредностите на животот.

Градоначалникот Чадиев при посетата истакна дека е потребно барем по неколку пати во годината да се остварува средба од овој тип со сите вработени во училиштата.-„Затоа сум денес меѓу Вас и ќе Ве посетувам најмалку два пати во годината. Сакам непосредно да разговараме за Вашите проблеми во работата. Да слушнам како помина првото полугодие, како ја оценувате оваа учебна година во споредба со претходната, што е тоа што сметате дека општината и јас конкретно можам да Ви помогнам.” – истакна градоначалникот Чадиев.

На крајот, на просветните работници од ООУ „Рајко Жинзифов” градоначалникот им упати честитки за Новата 2014 година. Им посака многу успех и трпение во работата што ја работат, многу здравје и лична среќа.