Реконструкција на паркот во ООУ „Васил Главинов”
Денес започна реконструкцијата на паркот во ООУ „Васил Главинов”. Проектот предвидува комплетна реорганизација на просторот во парковската површина на училиштетото, со подигање на зелени површини и парковски елементи. За таа цел неодамна Советот на Општина Велес ја усвои Програмата за реконструкција и уредување на нови зелени површини, во која е вклучен и овој дел. Градоначалникот Славчо Чадиев заедно со директорот на ЈКП Дервен Фиданчо Цековски и останатите стручни служби присуствуваа на привиот ден од градежните активности. Од страна на градоначалникот беше истакнато дека локалната самоуправа и во новата 2014 година го задржува интензитетот на работа кој е започнат во преходниот период, зголемувајќи ја бројката на повеќе од 120 реализирани проекти.
Инаку просторот пред ООУ „Васил Главинов” каде што живеат голем број на граѓани и каде што своето слободно место го минуваат учениците, долго време не беше соодветно уреден. Општина Велес се реши на овој чекор бидејќи е во интерес на граѓаните и ги задоволува нивните потреби за создавање на пријатни места за одмор и рекреација. Вкупната предвидена површина за реконструкција изнесува 5.084 м2. Целокупната процес ќе се одвива во неколку етапи: најпрво ќе се расчисти просторот и ќе се отстранат оградата, ќе се постави систем за наводнување а ќе се подигнат и нови тревни, цветни и зелени површини. Исто така предвидено е и поставување на фонтата, езерца со мини реки до нив, летниковци, урбана опрема и други интересни делови во новиот парк кој денес започна да се уредува. Вкупната инвестиција за овој зафат би изнесувала 1.181.981 денари.