Реакција на Општина Велес: Терминот шминка одамна е во минатото. Во Велес се гради и се создаваат дела исклучиво за потребите на граѓаните
Почитувани
Буџетот на Општина Велес за 2014 година беше донесен на ден 27.12.2013 година на 14-тата седница на Советот. Од тогаш до денес се поминати 19 денови. Општина Велес нема да навлегува во причината зошто СДСМ на јавноста не и го соопшти ставот за Буџетот токму во периодот на неговото донесување, туку повеќе од половина месец подоцна. Впрочем, ваквата закаснета реакција може да се воочи и од двете одржани пресконференции. Но како и да е, тоа е одговорност на самата политичка партија.
Што се однесува за Буџетот за 2014 година, Општина Велес стои на ставот дека истиот е изготвен согласно основните насоки за подготовка на буџетите на општините за 2014 година, а тоа се остварување на стратешките определба за зголемување на економскиот раст и конкурентноста на економијата на трајна основа, зголемување на вработеноста, подобрување на животниот стандард и квалитетот на живот на населението.
Терминот шминка одамна е минато во општината. Во Велес се гради и се создаваат дела исклучиво за потребите на граѓаните. Успешно реализираната 2013 година за нас е потврда дека сме на вистинскиот пат. Повеќе од 120 реализирани проекти, не охрабруваат да веруваме во тоа. И во 2014 година Општина Велес ќе го задржи истиот интензитет на активности како дел од вкупните напори за инфраструктурен, економски, културен, образовен и спортски развој на општината.
Со почит,
Општина Велес