Градот на Прличко заслужува театар (прес 24.11.2006)

ImageГрадоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски  на прес конференција го изрази своето незадоволство и разочарување од фактот што во предлог Буџетот за 2007 година, Владата на Република Македонија повторно не ја вклучи изградбата на новата театарска зграда во Велес помеѓу капиталните инвестиции. Тој упати  апел до Владата со амандман да ја вклучи изградбата на театарската зграда и да се придржува кон Националната програма за култура усвоена во мај 2004 година.
 
„Македонија не е само Скопје“ рече Коцевски потсетувајќи ја јавноста дека токму во Велес, Јордан Хаџи Константинов - Џинот го  напиша првиот драмски текст, дека во Велес Тинка Коларова првата жена актер во Македонија играла на театарската сцена и дека од Велес потекнуваат голем број истакнатаи македонски актери, меѓу кои и првиот скомрах Петре Прличко.

Image
 
„Во годината кога Македонија слави 100 години од раѓањето  на Петре Прличко, Владата ќе направи голем потег ако на 13 март 2007 година, денот на раѓањето на Петре Прличко се постават темелите на новата театарска зграда“, рече Коцевски. Тој ги повика пратениците од Велес да бидат единствени во заложбите за вклучување на проектот во Буџетот за 2007 година.

Изградбата на театарска зграда во Велес во изминативе години, во рамките на предизборните кампањи беше редовно најавувана како амбициозен проект, но нигогаш не доживеа реализација. Во меѓувреме, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, работи во катастрофално лоши  услови.  

На прес конференцијата, Коцевски изрази незадоволство што ниту Свлечиштето Рамина не се најде во Буџетот за наредната година. „Владата ќе издвои минимални 30 милиони денари за сите свлечишта во Македонија, во услови кога најголемото свлечиште на Балканот претставува сериозна закана за жителите на Рамина. Најголемата грешка е направена кога по изградбата на првиот потпорен ѕид престанаа активностите за санирање на свлечиштето, наспроти предупредувањата на експертите“, рече Коцевски. Тој упати апел до Владата да ја земе во предвит исклучително тешката ситуација во која се наоѓаат жителите на оваа месност и да предвиди стедства за санирање на свлечиштето.

Image

Како што напоменаа и претставниците на медиумите, на теренот ситуацијата е ужасна, а условите за живот во веќе руинираните објекти речиси невозможни.