Дополнителни информации за реконструкцијата на дворната површина од ООУ „Васил Главинов”
Општина Велес ги смета за неосновани критиките упатени од страна на политичката партија СДСМ. Сметаме дека ова претставува класичен обид за политизирање на еден доста значаен проект кој е во насока на задоволување на потребите на граѓаните. Во таа насока накратко ќе образложиме неколку битни моменти кои се однесуваат на реконструкцијата на дворната површина од ООУ „Васил Главинов”.
По службена должност, согласно Одлуката за комунален ред, комисијата за проценка на состојбата на деградирани дрвја на територија на Општина Велес од ЈКП Дервен на 03.01.2014 година изврши увид на јавната зелена површина – училишен двор на ООУ „Васил Главинов” со цел комплетна реконструкција на просторот, подигнување на нова парковска површина, реорганизирање на зеленилото и отстранување на потенцијалната опасност од состјбата на постоечките дрвја.
Од извршениот увид констатирано е дека на јавната зелена површина во училишниот двор на ООУ „Васил Главинов” се наоѓаат повеќе листопадни и зимзелени двја кои се засадени многу одамна, истите се стари и деградирани, со голема височина и многу разгранета крошна. Вегетирањето на овие дрвја во ваква состојба го прават ризичен овој простор имајќи ја во предвид планираната голема посетеност на паркот преку целиот ден, фреквентноста на главната сообраќајница во непосредна близина на паркот и присуството на голем број на ученици од училиштето.
Исто така, причина за отстранување на гранки, делови од дрвја и дрвја е и започнувањето на проектот за комплетна реконструкција на просторот, подигнување на нова парковска површина и реорганизирање на зеленилото во дел од училишниот двор на ООУ „Васил Главинов” со што ќе се обнови голем дел од високата и ниска вегетација.
За таа цел од комисијата беше дадено мислење дека е потребно итно отстранување на поголем дел од гранките на дрвјата како и одредени дрвја со цел да се избегнат можните последици од евентуалното паѓање на гранки или делови. Според ова мислење беше препорачано да се изврши отстранување на сите деградирани дрјва.
Општина Велес согласно законските процедури, земајќи ја во предвид и стручноста и компетентноста на Комисијата за проценка на состојбата на деградирани дрвја при ЈКП Дервен даде одобрение за сечење и кроење на посочените дрвја од нивна страна.
Во одобрението беше посочено сечењето да се изврши стручно по секции од еден метар. Притоа особено да се води грижа да не дојде до предизвикување на материјални или последици по здравјето и животот на луѓето.
Инаку просторот пред ООУ „Васил Главинов” каде што живеат голем број на граѓани и каде што своето слободно место го минуваат учениците, досега воопшто не бил предмет на било каква реконструкција. Тој беше запуштен и долго време стоеше неуреден. Општина Велес се реши на овој чекор бидејќи е во интерес на граѓаните и ги задоволува нивните потреби за создавање на пријатни места за одмор и рекреација. Вкупната предвидена површина за реконструкција изнесува 5.084 м2.
Целокупниот процес се одвива во неколку етапи: најпрво ќе се расчисти просторот и ќе се отстранат оградата, ќе се постави систем за наводнување а ќе се подигнат и нови тревни, цветни и зелени површини.
На местото на старите и деградирани дрјва кои претставуваа потенцијална опасност за граѓаните, стручни екипи на ЈКП Дервен ќе посадат неколкупати повеќе дрјва. Според Програмата за подигнување на нови зелени површини во 2014, која Советот ја донесе неодамна, за паркот во ООУ „Васил Главинов” предвидено е посадување на: 40 нови зимзелени и 40 листопадни дрвја, како и 40 зимзелени и 30 листопадни грмушки.
Исто така предвидено е и поставување на фонтана, езерца со мини реки до нив, летниковци, урбана опрема и други интересни делови во новиот парк кој овие денови интензивно се уредува. Вкупната инвестиција за овој зафат би изнесувала 1.181.981 денари.
Тоа е она што Општина Велес има да го каже за реконструкцијата на дворот од ООУ „Васил Главинов”. Јасно, објективно и со аргументи. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината, која за жал денес повторно беше искористена за собирање на политички поени.
Со почит,
Општина Велес