Православните верници го слават Богојавление-Водици

Ангелко Здравев беше најсреќен од 90-тината велешани кои годинава се фрлија во водите на Вардар во потрага по светиот крст. Традиционално големиот христијански празник Богојавление – Водици на бреговите на Вардар собра голем број граѓани. 33 годишниот Ангелко Здравев успеа најбрзо од сите да дојде до светиот крст што Митрополитот на Повардарската Епархија г. Агатангел го фрли во водите на Вардар.

Веднаш по фаќањето на светиот крст во водите на Вардар, Ангелко Здравев изјави дека очекува оваа година да му донесе среќа, здравје и бериќет. Во името на Општина Велес, Градоначалникот Славчо Чадиев, на Ангелко му подари DVD player. Тој доби подароци и од Повардарската Епархија, ЈКП „Дервен“ и неколку фирми од Велес.

Православните христијани денес на празникот Богојавление-Водици го одбележуваат чинот на крштевањето на Исус Христос во водите на светата река Јордан. И годинава, фрлањето на светиот крст се организираше во сите градови во Македонија.