ГРАДОНАЧАЛНИКОТ СЛАВЧО ЧАДИЕВ ОДГОВОРИ НА КРИТИКИТЕ: СДСМ СО ПОСЛЕДНИТЕ НАСТАПИ ЈАСНО ПОКАЖУВА ДЕКА СЕ ПРОТИВ СЕКОЈ ПРОЕКТ КОЈ ОПШТИНА ВЕЛЕС ГО РЕАЛИЗИРА И КОЈ Е ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ
Почитувани
СДСМ со последните настапи јасно покажува дека се против секој проект кој Општина Велес го реализира и кој е во интерес на граѓаните. Тие до сега не поздравија и не поддржаа ниту еден проект. Таквиот однос за мене како градоначалник е класично саботирање и попречување во работењето. Нивната т.н. грижа за дворот на ООУ „Васил Главинов” не претставува ништо друго туку политичко лицемерие.
На ова место, во времето додека директор на училиштето беше г-динот Асен Прличков беа исечени 30-тина дрвја-борчиња. Зошто тогаш СДСМ не реагираше за опустошувањето на школскиот двор? Очигледно за СДСМ и Асен Прличков ова што го гледате било многу поубаво од дрвјата кои со години беа дел од овој простор. Затоа нивните денешни говори за заштита на зеленилото и за заштита на дрвата се само ефтина политичка пропаганда.
Понатаму, кога зборуваат за можни комерцијални цели за некакво офајдување, СДСМ не треба да заборави дека во време додека тие беа на власт во Општина Велес, токму во овој школски двор беше сместен комерцијален објект на нивни истакнат член. Веројатно иселувањето на тој времен објект ги направи нервозни и ги испровоцира да го саботираат овој проект. За тоа треба да дадат одговор самите тие.
Инаку, ние сметаме дека со уредувањето на паркот пред училиштето ќе се добијат многу позитивни моменти. Просторот значително ќе се разубави и оплемени. Граѓаните и учениците овде ќе можат да го поминуваат своето слободно време. За исправноста на овој проект говорат и реакциите на жителите од овој дел на градот, кои со задоволство ја прифатија реконструкцијата на школскиот двор.
И сега оваа зелена површина, единствена во густо населениот дел околу ООУ „Васил Главинов“ граѓаните ја користат за одмор и престој во зеленило од април до ноември. Но оваа паркова површина до сега не ги задоволуваше потребите ниту на граѓаните, ниту пак естетските. Со отстранувањето на оградата паркот ќе се отвори, ќе се уреди зелената површина, ќе се постави соодветна урбана опрема. Не е точно дека учениците ќе го изгубат дворното место. И сега учениците за игра го користат задниот двор. Училиштето „Васил Главинов” повторно ќе располага со својот двор кој ќе биде ограден и безбеден за учениците Oстанатите 14.000 м2 се доволна површина за учениците и повторно ова училиште останува со најголем двор од сите осноцни училишта во општината. А зеленилото од предниот дел на дворот само ќе придонесе за подобрување на еколошки навики на учениците, за правилно чување и одржување на зеленилото.
За Ваша информација до сега за одржување на дворот беше одговорно училиштето. А сите знаеме колку е скапо да се одржува толку голема зелена површина. Откако ќе се тргне оградата како паркова површина уредувањето и одржувањето го презема општината. Во иднина заедно со училиштето ќе направиме напори за доплнително уредување и на останатиот простор.
Ви благодарам,
Славчо Чадиев, Градоначалник на Општина Велес