Реакција на Општина Велес на пресконференцијата на СДСМ за програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија за 2014 година
Почитувани
Општина Велес категорично ги отрфрла обвинувањата на СДСМ за Програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија за 2014 година. Ваквите паушални тврдења сметаме дека се класичен обид за политички маркетинг и претставување на погршена слика пред јавноста. Во интерес на вистината потребно е да го изнесеме следното:
-
За само 20 дена од 2014 година, продадена е една парцела со површина од 100.000 м2 во новоформираната индустриска зона Караслари. Ова земјиште е за потребите на новата германска инвестиција која за прв пат ќе се реализира во нашиот град. Од продажбата општината инкасираше приход од околу 6.000.000 денари. Претходно за таа цел беше донесена и Локалната урбанистичка планска документација за КО Караслари, која всушност е и основа за сите активности кои беа превземени.
-
Исто така, наскоро ќе биде распишан и огласот за продажба на останатите 5 парцели во индустриските зони Караслари и Тунел, како и огласот за продажба на повеќе локации во општината наменети за индивудално домување.
-
Во крајна фаза е изработката на планската документација за индустриската зона Речани и за Езерото Младост. По нивната изработка и донесување вклучувајќи ги и посетчките планови за двете локации, градежните земјишта ќе бидат предмет на продажба во наредниот период. Индустриската зона во Речани е инфраструктурно подготвена за нови инвестиции за нејзе веќе е донесен и ГУП, додека Езерото Младост е еден од најубавите туристички локалитети погодно за изградба на хотели и мотели, а со тоа и севкупен развој на туризмот. Имајќи ја во предвид атрактивноста на овие две локации, Општина Велес очекува голема заинтересираност при нивната продажба.
Ова се фактите кои ни даваат за право да веруваме дека Програмата на Општина Велес за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија за 2014 година во целост ќе биде реализирана до крајот на календарската година. Ако за само 20 дена (13 работни) од 2014 година успеавме да реализираме 20% од нејзината вкупна вредност, тогаш нема дилема дека Општина Велес е на вистинскот пат во поглед на менаџирањето со градежното земјиште, колку и тоа да не и одговоара на опозицијата.
Со почит,
Општина Велес