Министерот за странски инвестици Веле Самак во посета на Велес
Министерот без ресор, Веле Самак, задолжен за привлекување на странски инвестиции, денеска оствари посета на Општина Велес, при што се сретна со градоначалникот Славчо Чадиев и со пратеникот во македонското собрание Илија Димовски. При посетата на општината, министерот Самак одблизу се запозна со плановите на општината на полето на привлекување на нови странски инвестиции како и можноста за искористување на веќе постоечки капацитети кои не се ставени во употреба и можноста за нивно активирање.
„Моментално работиме да привлечеме фирми од автомобилскиот и производен сектор, имаме повеќе проекти на кои работиме, општината Велес има повеќе локации и неискористени капацитети кои можат да се искористат во зависност од параметрите на заинтересираните инвеститори“, - истакна министерот за странски инвестиции, Веле Самак.
Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев истакна дека како и досега така и понатаму ќе продолжи да се негува одличната соработка со Владата на Република Македонија во насока на привлекување на странските инвеститори од областа на лесната индустрија која нема да има последици по животната средина.
„Со министерот, Самак повторно мапиравме одредени зони и можности каде што во иднина би можеле да привлечеме некој заинтересиран инвеститор, за нас најважна е економијата и се надеваме дека во текот на оваа или наредната година ќе привлечеме нов инвеститор на територијата на Општина Велес“, - напомена, градоначалникот, Чадиев.
На средбата беше дискутирано и за тековните активности за реализација на инвестицијата на германската компанија „Маркарт” вредна над 35 милиони евра, како и текот на постапката за откуп на земјиштето. Инаку неодамна по пат на јавно наддавање земјиштето со површина од 100.000 м2 беше продадено по цена од 71 денар за м². 80% од вкупните средства ќе останат во касата на Општина Велес и ќе бидат наменети за нови развојни и инфраструктурни проекти со кои ќе се подобри и стандардот и животот на велешани.








