Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев го презентираше дневниот ред на закажаната 15-та седница

 

 

Почитувани преставници на медиумите, почитувани сограѓани

Во интерес на транспарентноста и јавноста на работата на Советот на Општина Велес, сакам да ја известам јавноста дека на ден 24.01.2014 година, како Претседател на Советот го потпишав Решението за свикување на следната 15-та седница.

По претходната координација со координаторите на советничките групи и со градоначалникот беше договорено седницата да се одржи на 31.01.2014 година (Петок) во просториите на Општина Велес со почеток во 10:00 часот.

За 15-тата седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Предлог – одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на Нацрт детален урбанистички план за дел од УЕ VII, блок 39, за КП 16914, КП 16915, КП 16916 и дел од КП 16922 КО Велес, Општина Велес.
2. Предлог – одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на Нацрт детален урбанистички план за ГП 39.1 од Генерален урбанистички план на град Велес, УЕ 7, УБ 39, КП 16908, КО велес, Општина Велес.

Потребата од донесување на овие две одлуки е од техничка природа и произлегува од претходно доставени барања на Министерството за транспорт и врски. Со нив се врши измена во текстуалниот дел на целокупната документација која била потребна за донесување на плановите до фаза Нацрт.

3. Предлог-одлука за утврдување Нацрт измена и дополна на Генерален план за дел од УЕ 12, УБ 59, Општина Велес.

Измената и дополнувањето на ГУП на овој дел од градот се однесува за плански опфат со површина од 23,79 ха. Овие измени се во насока на идниот просторен развој, со создавање услови за планирање на организирани локации. Инаку главна цел на измената и дополна на ГУП е пренамена на површини предвидени за комунални објекти во домување во станбени куќи, дел од објектите на Министерство за одбрана (В4) се пре-наменуваат во домување во станбени куќи а дел од индивидуалното домување (А1) во домување во станбени згради (А2). По утврдувањето на овој Нацрт, градоначалникот ќе организира стручна расправа, со изложување на планот во просториите на општината.

4. Предлог–одлука за отуѓување на недвижен имот сопственост на Општина Велес по пат на продажба, објект во с.Ораовец.

Со оваа Одлука се врши отуѓување на недвижен имот сопственост на Општина Велес, кој се наоѓа во с. Ораовец. Станува збор за објектот на поранешната училишна зграда во ова село, која долго време е неактивна. Објектот не е во добра состојба. Истиот е напуштен, руиниран а неговото одржување би повлекло значителни средства. Со можноста истот да се отуѓи и продаде, ќе се овозможи обновување на оваа зграда, со нова градба или реконструкција на истата, со што ќе се придонесе да се разубави просторот во селото. Продажбата овој објект ќе се изврши по пат на јавно наддавање со почетна цена утврдена во износ од 711.000 денари. Цената е утврдена согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

5. Предлог-одлука за прифаќање на предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка со Општина Кавадарци.

Од страна на Градоначалникот на Општина Кавадарци, до Општина Велес доставен е предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка во областа на обезбедување на услуги од внатрешен ревизор помеѓу Општина Велес и Општина Кавадарци. За таа цел, советниците треба да се произнесат по однос на оваа предлог-одлуга, која доколку биде усвоена, помеѓу општините ќе биде склучен договор за воспоставување на планираната меѓуопштинската соработка.

6. Предлог-одлука за откажување од корисничко право, на недвижен имот сопственост на Република Македонија.

Општина Велес со цел да започне постапка за продажба на градежно земјиште на слободни парцели во сопственост на Република Македонија, потребно е истите да бидат без товар односно да нема прибележување - корисничко право на физичко или правно лице. Од причина што на имотниот лист на локацијата предвидена за продажба а која се наоѓа м.в. Превалец, стои корисничко право со назив општинско собрание, Советот согласно законските норми потребно е да се откаже од истото со цел започнување на постапката за продажба на ова градежно земјиште.

7. Предлог-одлука за спроведување на санитарно-заштитните мерки на прогласените поединечни стебла од платан и состоини од платан за споменици на природата на територијата на Општина Велес.

Оваа одлука се носи заради превземање на сите неопходни санитарно-заштитни мерки од страна на општината како управувач со овие стебла, а заради спречување на штети, овозможување на непречено движење на луѓе и возила, регулитање на односот на граѓаните кон овие стебла и обезбедување на природниот развој, заштита и зачувување на платановите стебла кои уживаат посебна заштита.

8. Предлог-одлука за отпис и расходување на основни средства и ситен инвентар сопственост на Општина Велес.

Со оваа Одлука се врши отпис и расходување на основни средства и ситен инвентар, сопственост на Општина Велес, евидентирани во Буџетот на Општина Велес за 2013 година. При извршениот годишен попис кои се извршува редовно на крајот на тековната година, пронајдени се основни ствари и ситен инвентар кои се во дотраена состојба и се дава предлог за нивно отпишување од книговодтвената евиденција и предлог да се отуѓат на начин за кое ќе даде предлог Комисијата која ќе се формирана од Советот на Општина Велес.

9. Предлог-програма за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2014 година.

Планот за управување со отпад 2013-2017 за Општина Велес усвоен од Советот на Општина Велес се имплементира преку Годишни програми за управување со отпад на Општина Велес. Годишната програма за управување со отпад на територијата на Општина Велес за 2014г. обезбедува координиран пристап на учесниците во системот на управување со отпад: Општината како генерален носител на активностите и ЈКП Дервен како изведувач на активностите и овлaстен оператор на системот за управување со отпад на територијата на Општина Велес.

10. Предлог-Годишна програма за работа на Општинскиот Совет за превенција на детско престапништво.

Согласно Законот за правда за децата и деловникот за работа на Општинскиот Совет за превенција до мене како претседател на Советот беше доставена Годишната програма за работа на Општинскиот Совет за превенција на детско престапништво за 2014 година. Оваа програма претходно е усвоена на седница на општинскиот совет за превенција, а за нејзино конечно стапување на сила потребно е да се произнесат и советниците на следната 15-та седница.

11. Предлог-план за запишување на ученици во Средните општински училишта во Општина Велес во учебната 2014/2015 година.

За успешно подготвување на Конкурсот за запишување на учениците во прва година во средните училишта во учебната 2014/2015 година во Република Македонија, како обврска на Министерството за образование и наука регулирана со Законот за средното образование е и негово објавување во средствата за јавно информирање најдоцна до 31 март.

Поради ова потребно е Општина Велес да утврди свој предлог за опфат на сите ученици кои оваа учебна 2013/2014 година завршуваат осмо одделение од основното образование и задолжително го продолжуваат средното образование.

Инаку во општината има вкупно 516 осмоодделенци, од кои настава на македонски јазик следат 467 ученици и 49 ученика на албански наставен јазик. Идната година според оваа програма се планира да се запишат во прва година ученици во 31 паралелки, од кои 30 на македонски наставен јазик и 1 паралелка на албански наставен јазик во гимназиско образование.

12. Предлог-план за работењето на ЈКП Дервен Велес во 2014 година.

Согласно законските процедури Советот на Општина Велес потребно е да се произнесе по однос на Планот за работањето на ЈКП Дервен Велес во 2014 година. Овој план е претходно усвоен на седница на Управниот одбор на комуналното претпријатие. Истиот поаѓа од целите и интересите на претпријатието за постигнување на подобри резултати во работењето засновани на расположливите средства за работата и достигнатиот степен на развој.

13. Предлог-решение за прифаќање на Иницијатива за изменување и дополнување на детален урбанистички план за Титов Велес, Локалитет Речани.

Од страна на 6 физички лица, жители на Велес, поднесена е иницијатива за Изменување и дополнување на детален урбанистички план за Титов Велес, Локалитет Речани. Со планот ќе се предвидат површини за градење со намена А1- домување. Површината на планскиот опфат изнесува 43 ха.

14. Предлог –решение за давање на согласност за продолжување на Договор за начинот на користење на дел од недвижен објект.

Помеѓу Општина Велес од една страна (како сопственик) и МВР –Сектор за внатрешни работи Велес, од друга страна (како корисник) има склучено договор за начинот на користење на дел од недвижен објект кој се наоѓа на ул.„АСНОМ“ бр.10 од 2009 година, во време траење од 5 години. Од причина што временскиот рок за користење на дел од објектот истекува, се предлага продолжување на истиот за уште 5 години.

Инаку овој објектот се наоѓа на ул.„АСНОМ“ и е во склоп на објектот каде работи ТППЕ. Во делот од објектот кој го користи МВР сместени се дел од неговите служби, поточно матичното одделение. Поради континуитет во работата на службите, кои имаат потреба од користење на истиот, предложено е и ова решение.

15. Решение за давање согласност на Одлука за утврдување цени за изработка, поставување и одржување на урбана опрема од ЈКП Дервен Велес.
16. Решение за давање согласност на Одлука за утврдување цени за извршување на градежни работи од ЈКП Дервен Велес.
17. Решение за давање согласност на Одлука за утврдување цени за услуги со специјално возило дигалка-кран со корпа од ЈКП Дервен Велес.

Од страна на Јавното комунално претпријатие Дервен до Советот на Општина Велес беа доставени овие три одлуки кои се претходно донесени од страна на Управниот одбор на претпријатието. Согласно Законот за јавните претпријатија, основачот дава согласност на актите со кои јавното претпријатие утврдува цени на производите и услугите што ги дава претпријатието спрема корисниците. Овие услуги се новина во работењето на ЈКП Дервен и не само што придонесуваат за зголемување на обемот на работа на претпријатието туку и за давање на нови, квалитетни и ефикасни услуги кон граѓаните на Велес и локалната самоуправа воопшто.

18. Предлог-решение за разрешување и именување на претставници на Општина Велес за членови на Училишниот одбор на Општинското основно училиште „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“- Велес.

Од страна на Директорот на ООУ „ЈХК-Џинот“ Велес до Советот на Општина Велес доставено е барање за разрешување на двајца членови на училишниот одбор при ООУ „ЈХК - Џинот“ Велес. Поради изминување на мандатите на членовите на УО кои се преставници на Општина Велес, се бара нивно разрешување и именување на нови.

Со тоа е исцрпен и предложениот дневен ред за 15-тата седница на Советот на Општина.

Седниците на соодветните комисии надлежни за разгледување на точките од дневниот ред се свикани и ќе се одржат во Четврток на 30 јануари 2014 година.

Ви благодарам!