По 39-ти пат, градот на Рацин домаќин на младите поети
Традиционално, 39-те Детски рацинови средби започнаа со почитта кон поетот. Делегации на Општина Велес, Сојузот на борци на Македонија, и повеќе институции, организации и ученици положија цвеќе на спомениците на Рацин во центарот на Велес и пред гимназијата која го носи неговото име. Љубителите на литературата на средбите имаа можност во новоотворениот ликовен салон да присуствуваат на промоцијата на книгата за деца „Спомени за споменка“ од Горјан Петрески каде за авторот и неговото дело говореше промоторот д-р Васил Тоциновски.
Официјално, 39-те Детски Рацинови средби ги отвори градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски кој им посака топло добредојде на сите млади литературни творци од државава. „Рацин е вечен извор и инспирација за многу поети и граѓани. Што и да направиме нема да можеме да му се оддолжиме“, рече меѓу другото Коцевски.
Рациновите средби беа збогатени со организирана посета на спомен куќата на Кочо Рацин и изложбата „Училиштата ви се претставуваат“ што се одржа во ООУ „Васил Главинов“ и каде посетителите имаа можност да уживаат во детското творештво од областа на ликовната уметност, сликањето на грнчарски производи, изработката на макети и литературното творештво.
Во рамките на средбите, учесниците имаа можност да го доживеат Рацин, овојпат преку ликовно-вајарската работилница што се одржа во ОССУ „Димитрија Чуповски“.
Во рамките на програмата се одржа традиционалниот поетски караван низ основните училишта во Велес, а во гарнизонот „Алексо Демниевски“ беше организирано литературно читање.
И годинава, младите поети пленија со својата умешност чувствата да ги обојат со збор и да тргнат по стапките на Рацин. На конкурсот на лични творби на слободна тема, жири комисијата во состав Елена Тевчева, Македонка Јанчевска и Благоја трајковски од вкупно 240 лични творби награди 20 ученици.
На свеченото отворање на средбите што се одржа во големата сала на Општина Велес, третата награда на конкурсот им беше доделена на:
-Мартин Бошковски, ученик во ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ - Иванковци;
-Стефанија Тенекиџиева ученик ОУ „Јосип Броз Тито“ - Валандово и
-Наташа Алексовска ученик во ОУ „Вера Циривири“ - Скопје.
Втората награда ја поделија:
-Викторија Панова ученик во ОУ „Кирил и Методиј“–Свети Николе;
-Мирна Ќорверзироска ученик во ОУ „Ј.Х. Песталоци“ – Скопје
Првата награда и беше доделена на ученичката Темјаника Киркова од ООУ „Благој Кирков“ – Велес.
Гран при наградата за најуспешна творба му беше доделена на Васил Божикалиев, ученик во VIII одделение при ООУ „Васил Главинов“ – Велес.
Пофалници им беа доделени на 12 ученици од повеќе градови во Македонија.
39-ТЕ Детски Рацинови средби ја постигнаа целта. Почитта на младите литературни творци кон поетот над поетите, големиот Рацин беше надополнета со нови стихови, нови другарства, весела атмосфера и се разбира отворена покана од Велешани за претстојните јубилејни 40-ти Детски Рацинови средби.