Уредена улицата која ги поврзува Борис Трајковски и Тoдор Христов

Изминативе денови заврши уредувањето на улицата која ги поврзува улиците Борис Трајковски и Тодор Христов-Офицерчето, а која се наоѓа во Урбаната заедница „9-ти ноември”.Со реконструкцијата на улицата беа опфатени околу 650 м2 површина во должина од околу 150 метри. Средствата за овој градежен зафат се обезбедени од Буџетот на Општина Велес, а истите беа предвидени во Програмата за уредување на градежно земјиште за 2014 година. Градоначалникот Славчо Чадиев денес беше во посета на оваа улица при што оствари и средба со граѓаните кои живеат во тој дел од градот.

„Со бетонирањето на оваа улица се реши голем проблем за жителите во овој дел од градот но и за корисниците на детската градинка кои досега газеа кал по улицата. Ова е уште едно од низата остварени ветувања реализирано со пари од општинскиот буџет и задоволен сум што новата 2014 година ја започнуваме со градежни активности кои доколку временските пригоди ни бидат наклонети ќе продолжиме да ги реализираме според зацртаното темпо“, - истакна градоначалникот Чадиев.

Инаку оваа сервисна улица досега имаше земјена подлога, а ја користеа голем број на граѓани од овој дел на градот, како и ученици од ООУ „Васил Главинов”, ССОУ „Коле Неделковски” и интернатот „Лазар Лазаревски”. Со нејзиното уредување конечно ќе се овозможи квалитетно и безбедно комуницирање на сите пешаци што ја користат.