Успесите на К.K. „Гладијатор“ повод за средба со градоначалникот

Општина Велес отсекогаш била расадник на млади и перспективни таленти, а доказ за тоа се и последните медали кои ги освоија членовите на Карате клубот „Гладијатор“ кои неодамна на 23-тиот Традиционален карате клуб за деца, кадети, јуниори и сениори „Grand Prix Croatia” освоија бројни награди. По тој повод, градоначалникот Славчо Чадиев, денес во во општината ги прими претставниците на овој велешки карате клуб заедно со тренерот Боби Војдиновски.

На овој турнир кој оваа година се одржа во Самобор, Република Хрватска, нашите натпреварувачи ги постигнаа следните резултати: во категоријата до 14 години првото место го освои Јован Васиќ, а екипно најуспешни беа натпреварувачите Ѓорѓи Бановски, Кристијан Димитриевски и Јован Васиќ. Со златен медал во карате на овој турнир се здоби и Христијан Ангелов, постигнувајќи одлични резултати. Второто место во категоријата до 10 години му припадна на Дени Николовски. Карате клубот „Гладијатор” на натпреварувањата се здоби и со три бронзени медали, и тоа: Кристијан Димитриевски во категоријата до 14 години; екипно Ѓорѓи Бановски, Кристијан Димитриевски и Јован Васиќ во категорија до 17 години и женската екипа до 14 години во состав Стефанија Николовска, Теа Гашева и Марија Алексовска.

На денешната средба, градоначалникот Славчо Чадиев од прва рака се запозна со искуствата на каратистите и нивниот пат до успехот и им се заблагодари за успешната презентација на нивниот клуб, градот и Република Македонија.