Интервју на градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев за дневниот весник „Вечер"

Велес поразвиен од Битола и Штип (www.vecer.com.mk)

Индустриска развиеност, инфраструктура и поголема вработеност... иако поминаа само девет месеци веќе се реализира визијата за поубав Велес. Градоначалникот вели дека во најголем дел, тоа што го планира за 2014 година е насочено кон локалниот економски развој. Наместо двапати во месецот, Чадиев го отвори кабинетот за граѓаните двапати во неделата, во вторник и четврток. Велес посветува значително внимание на полето на спортот и културата.

Изминува деветиот месец од Вашиот градоначалнички мандат, за многумина исполнет со одговорност, посветеност и желби да се направи нешто повеќе за своите сограѓани. Колку сте Вие лично задоволни од досега сработеното?
-Со доаѓањето на функцијата градоначалник на Општина Велес заедно со мојот тим решително тргнавме во остварување на една нова визија. Визија за поубав Велес. За овие девет месеци, имајќи ја поддршката на Советот на Општина Велес, успеавме да реализираме повеќе од 120 проекти од инфраструктурата, образованието, културата, социјалната заштита, комуналните дејности и сите области каде што општината има надлежности. Веќе издаваме дозволи за градба по електронски пат, едношалтерското работење не е само фиктивна фраза, туку начин на работа на општинската администрација. Проектите од национален интерес во Велес се остваруваат со голем успех, а стратешките документи врз кои се темелат принципите на работа се патоказот од кој не отстапуваме. Се разбира, колку и да сакаме, не можеме да оствариме се наеднаш, За помалку од една година: ја оформивме индустриската зона "Караслари" и создадовме инфраструктурни услови за неа и за постојните; се потпиша договорот со германската компанија која ќе инвестира во Велес; уредивме 30-ина улици, тротоари и игралишта; го изградивме патот за Ораовец; го почнавме водоснабдувањето на езерото Младост; вршиме комплетна реконструкција на градското осветлување; го реконструираме градскиот стадион, просторот на поранешниот Офицерски дом и школскиот двор на ООУ "Васил Главинов"; го изградивме новиот пешачки мост над битолската пруга; реновиравме училишни објекти; овозможивме бесплатна интернет-конекција во парковите итн. Нема да навлегувам во детали за сработеното. На мегдан е, во сите делови на градот има по едно градилиште. Она што го работиме се гледа и се слуша не само од медиумите, туку и од разговорите со граѓаните во урбаните и месните заедници, на улица и на разни собири. Тоа само не охрабрува да го задржиме темпото на работа и да докажеме дека не се работи за еуфорија, туку за остварување на дадениот збор, за чесен и одговорен пристап. Довербата што ја добив јас, мојот тим и Советот на општината нема да ја бранам со празни ветувања, туку со дела што ги правиме заедно со граѓаните.

Она што значи сигурност за граѓаните, вработувања, повисок стандард и подобар социјален статус, секако, е локалниот економски развој. Пред триесетина години Велес беше индустриски центар, но повеќе од две децении велешкото стопанство е без инвестиции. Што правите Вие како градоначалник и Општина Велес во функција на локалниот економски развој?
-Вложените напори на Општина Велес во изминатиот период за создавање услови за странски инвестиции вродија со плод. За исклучително краток период: ја оформивме индустриската зона "Караслари"; го пренаменивме земјиштето од земјоделско во градежно; создадовме инфраструктурни услови; изградена е водоводна и канализациска мрежа; обезбеден е довод на електрична енергија. Во таа насока, пред само еден месец во во Владата на Република Македонија од страна на министерот за странски инвестиции, Веле Самак, а во присуство на премиерот Никола Груевски, останати владини претставници и јас, како градоначалник на Општина Велес, беше потпишан договорот со германската компанија "Маркард", инвестиција вредна над 35 милиони евра. Компанијата која ќе биде сместена во новоформираната индустриска зона "Караслари" ќе произведува електронски продукции со висока технологија како составни делови за врвни германски брендови на автомобили. Во неа ќе бидат вработени околу 600 лица. За таа цел изминативе денови од страна на германскиот инвеститор беше откупено и земјиштето на коешто се предвидува изградба на фабриката.
Но, нашите напори за забрзан економски развој на општината не запираат овде. Многу скоро ќе биде распишан огласот за продажба на останатите пет локации во новоформираната индустриска зона Караслари" кои ќе бидат понудени на домашни и на странски инвеститори.
Исто така, во крајна фаза е изработката на планската документација за индустриската зона "Речани 2" и за езерото Младост. По нивната изработка и донесувањето, вклучувајќи ги и постоечките планови за двете локации, градежните земјишта ќе бидат предмет на продажба во наредниот период. Индустриската зона во Речани, со околу 15 слободни парцели на површина од 14 хектари, е инфраструктурно подготвена за нови инвестиции. За неа веќе е донесен и ГУП, додека езерото Младост е еден од најубавите туристички локалитети, погодно за изградба на хотели и мотели, а со тоа и севкупен развој на туризмот. Имајќи ја предвид атрактивноста на овие две локации, Општина Велес очекува голема заинтересираност при нивната продажба.

Образованието е клучна алка во општественото живеење. Кои се активностите на Општина Велес на ова поле?
-Образованието е област што најдиректно се однесува на иднината на општината, затоа што во него е нашата најголема инвестиција, нашите деца. Во овој дел изминатиов период се реализирани доста значителни проекти: пуштени се во употреба новите реконструирани простории на Технолошко-техничкиот факултет во Велес, кои се наоѓаат во поранешниот хотел "Вила Зора"; завршена е првата фаза од предвидената реконструкција на објектот во кој работат гимназијата "Кочо Рацин" и ССОУ "Димитрија Чуповски", во која се заменија покривот и прозорците, а во тек е втората фаза од реконструкцијата на фасадата и подот во објектот; со посебен проект - инвестиција на УСАИД се реконструираше топловодниот систем. Ова значи дека второто полугодие 1.421 средношколец го започнаа во целосно реконструиран објект со оптимални услови за настава. Во овој објект, како и во училишните згради на основните училишта "ЈХК Џинот", "Благој Кирков", "Васил Главинов" и "Св. Кирил и Методиј" се заменија светилките со штедливи; се реконструираат и се заменуваат покривот, фасадата, подот, прозорците и топловодниот систем во ООУ "Св. Кирил и Методиј"; топловодните системи се реконструирани и во училиштата "Блаже Конески" и "Васил Главинов", а се работи во "ЈХК Џинот" и во "Благој Кирков". Овие реконструкции беа нужни поради староста и дотраеноста на топловодните системи, но не се трајни решенија. Според намерите на Владата на РМ, во Велес наредната година ќе се формира дисперзирана паралелка за фудбал од Спортската академија. Понатаму, би се отворила уште една паралелка која ќе опфаќа спорт застапен во академијата, а би го избрала самата општина.

Спортот и културата, исто така, се области во надлежност на локалната власт. Во минатото Велес беше водечки културен и спортски центар во Македонија, но му недостигаше инфраструктура. Што направивте на овој план?
-Општина Велес посветува значително внимание на полето на спортот и културата, како особено важни за општественото живеење на граѓаните. Особено сум горд на работите во областа на спортот. 2013 година ќе остане запаметена по добивањето сопственост врз градскиот стадион и неговата реконструкција. Комплетно се заменува тревната површина со нова вештачка, која е донација од Фудбалската федерација на Македонија и чини 500.000 евра. Новата подлога на градскиот стадион ќе биде една од најдобрите, со многу висок степен на квалитет, каде што ќе можат да се одигруваат и меѓународни натпревари. Во таа насока, Општина Велес издвои уште 80.000 евра за градежни работи околу теренот. Со понатамошното доуредување на стадионот, кое локалната самоуправа има намера да го стори во идниот период, би се постигнало значително подобрување на фудбалската инфраструктура и воопшто, развој на фудбалот како спорт кој има долга традиција во градот.
 
Исто така, се реконструираше спортското игралиште кај автобуската станица, се изгради спортски терен во близината на општината, РК "Борец" го доби брендот градски ракометен клуб, се реализираа сите предвидени турнири, првенства, натпревари од локален, национален и од меѓународен карактер.

Бидејќи не може да се стави остра граница меѓу спортот и културата, овде ќе ги споменам Велешката регата "Гемиџии" и "Мото бич парти". Културата и во 2013 година остана препознатлив предзнак на Велес. Кон традиционалните меѓународни манифестации - "Рацинови средби", "Детски Рацинови средби", "Интернационалниот фолклорен фестивал", Фестивалот на античка драма "Стоби", "Импакт" фестивалот на алтернативни уметности, "Топлиот културен бран" - оваа година во Велес за прв пат се одржа "Баскерфест", фестивалот на улични уметности. Дека врската меѓу културата и локалниот економски развој е нераскинлива и е одличен промотор на стопанството и на културата и традицијата доказ е годинешната, десетта по ред, "Питијада", која овој пат беше најуспешно реализирана. Ги соборивме сите рекорди: ја направивме најголемата пита-пастрмајлија, угостителите продадоа 35.000 пити-пастрмајлии, а винарниците продадоа 17 тона вино. Велешани и илјадниците гости кои дојдоа од другите градови три дена уживаа во богатата музичка програма со Миле Кузмановски, Орхидеја Дукова, Бени Шакири и "Нон-стоп"", "Црвена јабука", како и многу други домашни изведувачи и културно-уметнички друштва. Факт е дека никогаш досега по ниеден повод, па дури ни за дочек на Нова година, во Велес не се случил помасовен настан. Останува обврската да го зачуваме годинашниот квалитет и секоја година да го зголемуваме.

Кои се Вашите планови и размислувања за оваа година? Какви се приоритетите на Општина Велес во своето работење?
-Изминува првиот месец од новата 2014 година. Таа ќе биде посреќна за околу 2.000 граѓани што ќе најдат вработување во новите индустриски капацитети што ги најавивме во индустриските зони "Караслари" и "Речани". Веќе 200 велешани обезбедија вработување во фирмата "Дрекселмаер", а до крајот на март 800 наши сограѓани ќе бидат дел од оваа голема компанија.
Велес е една од ретките општини со кредитен рејтинг во Република Македонија. Со позитивно салдо и со 100% платени обврски влеговме и во 2014 година. Затоа и веднаш почнавме да градиме.
 
Во фаза на изработка се 12 урбанистички планови, по што следува нивно носење, но и измена на постоечките детални и генерални урбанистички планови усогласени со потребата за брз економски и комуникациски развој на општината.
 
Интензивно се врши и комплетна реконструкција на уличното осветлување. Проектот предвидува замена на повеќе од 3.000 живини светилки со нови енергетски ефикасни. Придобивките од овој проект се многубројни. Со него ќе се овозможи целосно осветлување на сите улици, паркинзи и јавни простори на територијата на општината; употреба на енергетски ефикасни светилки; заштеди во потрошената енергија. Најзначајно во целата работа е што враќањето на инвестицијата е за 4-5 години, пресметано според заштедата на електрична енергија од новите светилки.
 
Сите проекти што се изведуваат на улиците во Велес задолжително се со пристапност за инвалидизирани лица.

Голем зафат е реконструкцијата на автобуската станица, што иако е градежен зафат на приватен инвеститор, во голема мера ќе ја смени првичната ударна слика за градот.
Езерото Младост, како еден од првите приоритети на општината, многу е битно што поскоро да се заокружи инфраструктурно. Привршуваат активностите за изградбата на систем за водоснабдување на крајбрежниот појас на езерото Младост, но паралелно и водоснабдувањето во населените места Башино Село, Населба Речани, с. Отовица, с. Сујаклари и Езеро Младост. Со чиста и исправна вода за пиење ќе се снабдат повеќе од 4.000 жители, а ќе се зголеми и атрактивноста на езерото Младост како погодна туристичка дестинација, која ќе биде примамлива за инвестирање. Целокупната вредност на овој зафат изнесува 42.000.000 денари.
Веднаш по подобрувањето на временските услови ќе се почне со изградба на нов кружен тек кој ќе го регулира сообраќајот на крстосницата под спомен-костурницата.
 
Навистина се трудиме да им излеземе во пресрет на сите граѓани, да ги сфатиме нивните проблеми и да им помогнеме. Затоа, наместо двапати во месецот, јас го отворив кабинетот за граѓаните двапати во неделата - вторник и четврток. Верувајте, има граѓани кои чекаат да да бидат примени само за да ми се заблагодарат за изградбата на пешачкиот мост или што е асфалтирана нивната улица, или што сме го уредиле плоштадот во нивната уличка. Оваа недела дојдоа неколку пензионери да ми заблагодарат за бесплатниот превоз што го обезбеди Општина Велес од почетокот на новата година за нив еднаш во неделата, па така, тие во тој ден одат на пазар, на лекар, на гости во другиот дел на градот. Луѓето знаат да ценат, но само ако и со нив се постапува човечки.
 
Во најголем дел, тоа што го планираме за 2014 година е насочено кон локалниот економски развој, но правиме напори да се задржи балансот во сите области на животот и потребите на граѓаните. Приоритетот во образованието е да се заокружи проектот за топлинска ефикасност во сите училишни објекти и да се овозможи генерално обезбедување на училиштата. Во културата фокусот го ставаме на новиот објект на театарот, меѓународните и традиционалните манифестации. За подобрување на спортскиот живот на градот покрај капиталната инвестиција на градскиот стадион и одржувањето на постојните спортски капацитети, ќе го искористиме секој слободен простор во сите урбани јадра да поставиме забавни паркови и да изградиме мини спортски терени. Општата слика на град-лулка на културата, град со 23-вековна историја и традиција ќе ја дополниме со изградбата на споменици и спомен-обележја на знаменити личности и симболи препознатливи за Велес.

Градоначалничката функција е звучна и мошне репрезентативна, меѓутоа, таа е и многу одговорна и бара доста работа. Една од најважните работи е и екипираноста и тимската поставеност на работите. Како ја оценувате вашата досегашна соработка со останатите општествени чинители?
-Секако дека ништо од ова ни досега, ни отсега ние не ќе го направевме сами. Чувствувам обврска да изразам огромна благодарност до Владата на Република Македонија што дава целосна поддршка на сите наши конструктивни идеи и не вклучува во сите национални проекти. Изразувам благодарност до сите установи и институции од локално и национално ниво кои несебично ни помагаат во остварувањето на заедничките цели. На сите граѓански организации и поединци што се наш партнер во имплементацијата на бројни проекти. И благодарам на меѓународната заедница за поддршката што и ја дава на Општина Велес. И уште нешто што е многу значајно за успехот што го постигнавме во 2013 година -конструктивноста на Советот на Општина Велес и големите заложби на пратениците од Велес во Собранието на Република Македонија. Зад големиот успех, зад големите дела не стои поединец. Стои цел тим од креативни искусни, но и млади луѓе кои самопрегорно секојдневно низ работата докажуваат дека не случајно Општина Велес е ИСО стандардизирана, не случајно во Велес се добиваат градежни дозволи по електронски пат, не случајно сме општина со поволно бизнис-опкружување.