Поддршка на проекти од национален интерес од областа на културата за 2014 година

Општина Велес е носител на повеќе меѓународни и национални културни манифестации за кои со посебни проекти аплицира на Конкурсот што го објавува Министерството за култура. Морам да го изразам моето задоволство од тоа колку Општина Велес по разни основи е застапена во Годишната програма за остварување на национален интерес во културата во 2014 година. Проектите на кои е носител Општина Велес – Рацинови средби, Фестивалот на античка драма „Стоби“ и Интернационалниот фолклорен фестивал и оваа година добија поддршка од Министерството за култура. Локалната установа Народен музеј Велес во 2014 година е поддржана со проекти од етнологијата, археологијата и историјата на уметноста. Истотака ќе продолжат работите за заштита на црквата Св. Никола во Башино Село и на Спомен - кострницата.

За град седиште на Асоцијацијата на градови со архитектонско наследство особено е важно што во 2014 година Министерството за култура ќе финансира изработка на конзерваторски проект за реставрација на фасадите на 5 куќи од комплексот куќи од старото градско јадро на ул. „Јован Алабакот„ (3,5,7, 10 и 12)

На јавноста и е познато дека една од 4-те куќи со стара градска архитектура, само куќата на Васил Главинов делумно е во сопственост на Општина Велес, а делумно е приватна сопственост. Оваа година со средства на Министерството планиранпо е да се откупи и преостанатиот дел, по што ќе следи и нејзина реставрација и ставање во функција. Кога станува збор за проекти на ГО што добиле поддршка од Министерството за култура морам да го изразам задоволството дека најголем дел од нив што ја имаат поддршката од Општина Велес како ЗГ „Разбој“, „Импакт“, „Стип центар“, Ансамбл „Керамичар“, ја добиле и поддршката од Министерството.

И во делот на поддршката на здруженијата на Македонци од странство, Општина Велес даде поддршка на Здружението на Македонците од Хрватска за изработка (снимање) на ЦД и одржување на концерт на групата „Езерки“ и бендот 7/8 во Велес. Тоа е финансиски поддржано од Министерството и очекуваме со директни контакти да ги утврдиме термините.
 
Ви благодарам!
Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес