Започна изградбата на ново спортско игралиште во с. Иванковци
Денес во селото Иванковци започнаа градежните активности за изградба на ново спортско игралиште кое ќе биде повеќенаменско. Изградбата ја финансира Агенцијата за млади и спорт, а вкупната сума потребна за реализација на овој проект изнесува околу 8.000.000 денари. Спортскиот терен треба да биде завршен до почетокот на летото. На почетокот од изградбата на игралиштето, во посета на селото Иванковци беше и градоначалникот Славчо Чадиев.
„Ова ќе биде повеќенаменско игралиште. Долго 45 метри, широко 28 метри. Ќе биде осветлено и ќе има цел младите од ова населено место да се рекреират“, – истакна градоначалникот Чадиев. Жителите на селото го поздравија овој чекор. Тие истакнаа дека реализацијата на ваквите проекти, значително ќе го подобрат животот во ова место.
„Мислам дека најнеопходно досега ни беше патот и едно вакво повеќе наменско игралиште. Тоа што го имавме до сега не беше зачувано и не можеше да се користи“, рече - Маријанчо Ангеловски, жител на с. Иванковци. Инаку, преку претходно одобрен проект на Општина Велес од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, центарот на с. Иванковци ќе добие нов лик. Наскоро ќе се реализира и проектот за изградба на улици и реконструкција на каналот кој минува низ селото.
„Имаме добиено грант од скоро 5 милиони денари. Ќе го канализираме каналот, ќе поставиме клупи, а потоа ќе преминеме на средување и изградба на улици“, - напомена градоначалникот Славчо Чадиев.
При посетата, тој меѓу другото напомена и дека очекува со затоплувањето и со подобрите временски услови да се дозаврши предвидената реконструкција и обнова на локалниот пат кој води до ова велешко село.