Детска градинка во Општина Градско
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, заедно со градоначалникот на Општина Градско, Жанета Чаушевска, заменик градоначалникот на Општина Велес, д-р Горан Јовиќ и директорката на градинката ОЈУДГ Димче Мирчев Велес, Анида Цецева го посетија објектот наменет за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст во општината. Неодамна за таа цел, согласно Законот за заштита на децата Советот на Општина Велес како основач на ОЈУДГ „ Димче Мирчев” Велес, донесе Одлука со која се даде согласност за основање група за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст во Општина Градско.
При посетата министерот Спасов потенцираше дека продолжува континуираниот процес започнат од порано, со кој треба да се вклучат што повеќе деца во опфатот на предшколско згрижување и воспитување, и дека конечно оваа потреба на граѓаните од Општина Градско ќе биде задоволена.
Тој информираше дека клонот ќе функционира во рамки на ОЈУДГ „Димче Мирчев” од Велес, и ги има сите услови за згрижување на децата. Градинката има можност за опфат на 32 деца, во три групи на возраст од 3 до 6 години. Уписите на деца се во тек.
Заменик - градоначалникот на Општина Велес, д-р Горан Јовиќ истакна дека од воспоставената меѓуопштинска соработка на двете локлални самоуправи бенефитот ќе го почуствуваат жителите на Градско. Тој воедно напомена и дека Велес во наредниот период ќе се обидува да помогне во секој сегмент на секоја општина од регионот.
Инаку, за опремување на просторот во кој од понеделник до петок ќе престојуваат децата потрошени се околу три милиони денари, средства обезбедени од државната каса.