Нова трафостаница за потребите на водосбадувањето во Караслари
800.000 денари ја чинише Општина Велес изградбата на новата трафостаница во населеното место Караслари. Градоначалникот, Славчо Чадиев денес од лице место објави дека конечно, по сите повеќегодишни голготи со водоснабдувањето жителите на Караслари можат да здивнат. Трафостаницата која веќе е сопственост на локалната самоуправа, изградена е за да врши напојување на пумпите за вода, но при изградбата на трафостаницата водено е сметка и за идните потреби од снабдување со вода. Проектирана е за покренување на пумпи за вода за двојно и тројно поголема литража од моменталната.
Новата трафостаница е со напојување од 50 kVA (киловат-ампери) а истата ќе испумпува 10 литри вода во секунда. Оваа количина е сосем доволна за да ги задоволи потребите како на населеното место Караслари така и на новоформираната индустриска зона во оваа област. Останатиот проток на вода ќе биде располагање за следните индустриски објекти и викенд куќи коишто ќе се градат.
Општина Велес и во наредниот период ќе остане посветена на реализација на мерки и активности за решавање на проблемите на граѓаните, излегувајќи во пресрет на нивните потреби.