ОТЧЕТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ЗА 2013 ГОДИНА

 

Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев денес од својот кабинет го промовираше изработениот отчет на Општина Велес за сработеното во изминатиот период. Отчетот содржи 42 страници, на кои преку слика и текст се прикажани сите реализирани проекти досега. На средбата со новинарите, градоначалникот Чадиев истакна дека за овој краток период имајќи ја и поддршката од централната власт, локалната самуправа успеа да реализира над 120 проекти од инфраструктурата, образованието, културата, социјалната заштита, комуналните дејности и сите области каде општината има надлежности. Тековните активности се осовременети, се извршуваат со поголема флексибилност кон граѓаните, се воведуваат во секој сегмент од работата на општината.

„Она што го работиме се гледа и се слуша не само од медиумите, туку и од разговорите со граѓаните во урбаните и месните заедници, на улица и разни собири. Тоа само нè охрабрува да го задржиме темпото на работа и да докажеме дека не се работи за еуфорија туку за остварување на дадениот збор, за чесен и одговорен пристап.” – рече градоначалникот Славчо Чадиев.

На своите сограѓани, градоначалникот уште еднаш им даде искрено ветување дека и во следниот период ќе продолжи со интензивна работа, со посветеност со желба за подобар живот, истовремено слушајќи го нивното мислење кое ќе биде респектирано и уважено од негова страна.