Отчет на Општина Велес за 2013 година

Почитувани граѓани!

Довербата што ни ја дадовте, за мене како градоначалник, за мојот тим и за Советот на општината Велес, значи обврска и поттик за подобрување на условите во секојдненото живеење на нашата општина. Сè што градиме и создаваме го правиме со цел Велес да биде по мерка на велешани. Да овозможиме во него да растат и да работат граѓани што својата иднина и иднината на своите деца ќе ја градат тука, во Велес, во Македонија. Водејќи се од овие начела решително чекориме во остварувањето на една нова визија, визија за поубав Велес.

За краток период имајќи ја и поддршката од централната власт, успеавме да реализираме над 120 проекти од инфраструктурата, образованието, културата, социјалната заштита, комуналните дејности и сите области каде општината има надлежности. Тековните активности се осовременети, се извршуваат со поголема флексибилност кон граѓаните, се воведуваат во секој сегмент од работата на општината. Она што го работиме се гледа и се слуша не само од медиумите, туку и од разговорите со граѓаните во урбаните и месните заедници, на улица и разни собири. Тоа само нè охрабрува да го задржиме темпото на работа и да докажеме дека не се работи за еуфорија туку за остварување на дадениот збор, за чесен и одговорен пристап.

Довербата што ја добивме јас, мојот тим и Советот на општината нема да ја бранам со празни ветувања, туку со дела што ги правиме заедно.Наша обврска е на нашите деца да им оставиме град со кој ќе се гордеат. Велес заслужува да го претвориме во град - лидер, во град – гордост.

Додека секој од нас максимално се вложува во заложбите да придонесе што повеќе за поубава иднина, додека секој од нас се буди со мислата дека денес е денот кога треба да сторам нешто добро за својот град, додека секој од нас легнува убеден дека Велес мирно ќе спие, нашата иднина ќе биде светла и просперитетна, а нашите наследници ќе се гордеат со нас.

Ви давам искрено ветување дека и понатаму ќе продолжиме со интензивна работа, со посветеност, со желбата да го оствариме ветеното и да донесеме подобар живот на сите.

Со почит,
Славчо Чадиев,
Градоначалник на Општина Велес


 Отчет на Општина Велес за 2013 година (.PDF)