Слободен пристап до информации
Потенцирајќи го значењето на законот што го дефинираше како прв меѓу еднаквите кога се работи за пристапот до јавните документи, Николовски укажа на ефектот што се очекува од слободниот пристап до информациите од јавен карактер. „Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер е моќна алатка за ефикасност на администрацијата во борбата против корупцијата. Нивото на неговата примена е нашето лице пред меѓународната заедница во рамките на заложбите за влез во ЕУ“, рече претседателот на Комисијата. Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја информираше Комисијата за примената на законот во Општина Велес како и за предностите што информатичката технологија и реализираните проекти ги овозможија за развој на општината во општина за пример во Македонија и обезбедија поефикасни услуги за граѓаните. Притоа Коцевски го потенцираше значењето на делегирањето на надлежности на нво секторот и физички лица, бесплатните Интернет точки во Велес и Горно Оризари, електронската сала за работа на Советот и едношалтерскиот систем на услуги, т.н. Граѓански сервис центар кој истовремено обезбедува услуги од сите области на надлежност на општината и претставува израз на транпарентната работа и добрата комуникација со граѓаните. „Задоволен сум од досегашната примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Велес, но сметам дека на национално ниво неопходно е да се организира силна кампања со цел што поголем број граѓани да се запознаат со предностите што им ги овозможува законот“, рече Коцевски. Во рамките на престојот, претставниците на Комисијата и Мисијата на ОБСЕ ги посетија салата за електронско одвивање на седниците на Советот и Граѓанскиот сервис центар каде е определен посебен простор и каде работи службеникот одговорен за барањата на граѓаните врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во интерес на граѓаните како баратели на информации претставниците на Комисијата доставија обемен информативен материјал и законска регулатива која на граѓаните ќе им биде достапна во Граѓанскиот сервис центар. Дел од информативниот материјал ќе биде доставен во соседните општини.
Средбата во Велес беше оценета како почеток на успешна соработка помеѓу општината, Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во размената на мислења и идентификувањето на добрите практики во примената на овој закон кој е од суштинско значење за правото на граѓанинот да ја добие информацијата што му е потребна.