Пуштен во употреба пешачкиот надвозник над битолската пруга
Денес во употреба беше пуштен изградениот пешачки надвозник над железничката пруга Велес-Битола. Во присуство градоначалникот Славчо Чадиев, пратениците во македонското собрание Илија Димовски и Ѓорѓи Коџабашиев, претседателот на Советот Александар Колев и останати советници, свештениците на Повардарската епархија го извршија чинот на осветување на надвозникот. На 9 Ноември 2013 година на ова место, во рамките на обележувањето на Денот на општината беше положен камен темелник на овој инфраструктурен објект – Пешачки надвозник на железничката пруга Велес – Битола.
Од двете страни на пругата патот води кон градинката, две основни училишта, кон сите средни училишта, кон факултетите, кон железничката станица и кон многу работни места на нашите сограѓани. Потребата од скратувањето на патот беше потребна години наназад. Граѓаните во спроведените анкети изградбата на овој надвозник ја посочија како еден од врвните приоритети и еве, ветеното го исполнивме. Градоначалникот Чадиев при денешната свеченост истакна дека чувствува потреба да се заблагодари на сите што направија напор за толку кратко време да ги завршат работите на пешачкиот мост за денес и официјално тој да биде осветен и предаден во употреба на граѓаните.
„Знаете дека една работа секош создава простор за друга. Сега го уредивме овој простор, ги поврзавме спортскиот терен идесната страна на надвозникот и овој дел, што пред 4 месеци беше ругло и депонија доби убав, модерен урбан лик. Но во неговата околина има уште многу да се работи. Ова е еден од најгусто населените делови на градот и ние нема да оставиме да остане не среден”. – рече градоначалникот Чадиев. Дека овој надвозник е потреба на граѓаните покажува фактот дека уште во текот на неговата изградба надвозникот беше континуирано користен од граѓаните.
Инаку должината пешачкиот мост е долг 23 метри. Изграден е по стандарди што обезбедат слободено и безбедно движење на сите категории граѓани. Самата конструкција чини 3.100.000 денари, хортикултурното уредување околу него од двете страни е 700.000 денари. Севкупно општината за овој капитален објект издвои 3.800.000 денари. И во наредниот период локалната самоуправа ќе остане достојна на нејзината најважна и основна цел, а тоа е подобрување на условите за живот на граѓаните на Велес.