Архитектонско наследство - соработка со Франција

ImageДелегација на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство учествуваше на меѓународната Средба на Асоцијации од Европа за заштита на архитектонското и културното наследство што на 8-ми ноември се одржа во Париз, Република Франција.
На покана на Националната Асоцијација за заштита на културното наследство во Франција престојуваа претседателот на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство и градоначалник на Општина Велес, Аце Коцевски, градоначалникот на Битола, Владимир Талевски и стручните соработници на македонската Асоцијација: Елена Никодимовска, координатор на меѓународниот проект, Коце Аџи Митревски професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, Тања Балаќ, претставник на град Скопје и Константин Димитровски претставник на НУ „Конзерваторски центар“ –Скопје.
 
Image
 

Во рамките на престојот во Франција, македонската делегација имаше можност да се запознае со законските регулативи на земјата која важи за наголем заштитник на архитектонското наследство во светот како и со тековните активности на овој план. Покрај престојот во Париз, делегацијата престојуваше и во градот Ангулем познат како светски центар на стрипот и еден од градовите со значајно архитектонско наследство.

Престојот во Франција значи континуитет на соработката што француската делегација на Асоцијации за заштита на културното наследство предводена од Марилиз Ортиз, директорка на француската Национална Асоцијација на градови со културно наследство ја започна при престојот во Велес во октомври годинава.  

Image

Веднаш по враќањето од Франција, членовите на македонската делегација се состанаа во Велес со цел да ги утврдат понатамошните чекори за примена на позитивните искуства од Франција. Реконструкцијата на куќите на Џинот и Касапови во Велес и тековните проекти за ревитализација на архитектонското наследство во Скопје, Битола и другите градови во Македонија е само прв чекор во рамките на заложбите на македонската Асоцијација да придонесе во заштита на богатото архитектонско наследство на Македонија.

Image