Започна изградбата на кружен тек на влезот во Велес

Со поставувањето на камен-темелник, денес се означи почетокот на изградбата на кружниот тек на влезот во Велес. Подготовките за стартување на проектот „Кружен тек на штипско џаде“ како што велешани најчесто можат да го лоцираат, направени се согласно со законската регулатива што значи: изготвена е сета потребна документација, сообраќајни проекти и дозволи.  На започнувањето со градежните работи, градоначалникот Чадиев истакна дека се чувствува особено горд што се запази предвидената динамика и во зацртаните рокови се отпочна со работа на овој многу значаен инфраструктурен зафат.

Кружниот тек како сообраќајно решение е најбезбедно во одвивањето на сообраќајот, а оваа клучка е една од најфрекфентните и важи за тесно грло од повеќе причини: Ова е еден од најкористените влезови/излези од Велес од патните правци Штип и Скопје. Овде се издвојува патот за Езерото Младост и овде секогаш има сообраќај. Покрај лесни моторни возило оваа прометна крстосница ја користат и сите автобуси што влегуваат и излегуваат од Велес, а коловозот има само две ленти, голем нагиб и бара крајна внимателност при возењето”. – рече градоначалникот Славчо Чадиев

Со изградбата на кружниот тек што од денес почнува да се гради, за два месеца, оваа клучка ќе биде една од најбезбедните за сите учесници во сообраќајот. Целиот проект Општина Велес ќе ја чини 7.000.000 денари. Целосно се финансира од Буџетски средства, а изведувач на работите е градежната фирма Eвроинженеринг од Велес.