Признание за храборста и хуманоста на тројцата велешани

Денес градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев во својот кабинет ги покани тројцата млади велешани за лично да им изрази благодарност за самопожртвуваноста која ја покажаа и неплашејќи се за својот живот скокнаа во студените води на Вардар за да спасат од смрт давеничка. Денес тој не го крише своето задоволство при разговорот со храбрите момчиња, истовремено пофалувајќи ги за нивното херојство и наградувајќи ги за несебичниот гест кој го сторија.

 

„Тие покажаа хуманост, несебичност и со нивната постапка помогнаа да го спасат животот на нашата сограѓанка. Разговаравме, ми објаснија како се одвивал целиот случај и можам да заклучам дека со ова уште еднаш се покажа големината на жителите на општина Велес“, истакна градоначалникот, Чадиев.

Инаку, несреќниот случај се случи во саботата на 1-ви Март во вечерните часови, кога 36 годишната велешанка Л.С. од мостот „Гемиџии” скокнала во студените води на Вардар. За среќа во близина се наоѓале 27 годишниот Емин Асановски заедно со 23 годишниот Фаик Демиров и неговиот брат 21 годишниот Махмут Демиров кои без двоумење веднаш пристапиле да и помогнат.