Претседателот Ѓорге Иванов во посета на Општина Велес

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска престојуваше во посета на Општина Велес. При посетата претседателот најпрво се сретна со градоначалникот Славчо Чадиев, а потоа оствари и средба со локалните стопанственици, одржа предавање на Технолошко-техничкиот факултет, се сретна со преставници на неколку велешки здруженија на граѓани и посети повеќе населени места.

Пред велешките стопанственици претседателот Иванов порача дека во изминатите пет години, во рамки на своите активности, ги промовирал можностите за бизнис што ги нуди Република Македонија и дека работел на поврзување на домашните со странските бизнисмени.  Пред студентите на ТТФ, претседателот претседателот Иванов порача тие да вложуваат во своето знаење, бидејќи од нив, како млади луѓе, се очекува да нудат решенија и визии за денешниот свет што забрзано се менува.

На средбата со претставници на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение, Здружението на лица со церебрална парализа, на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, на Еколошкото здружение „Вила Зора“ и на Здружението на пензионери, претседателот Иванов изрази признание и почит за нивната работа, како и охрабрување за продолжување на нивната мисија.

За време на престојот во Општина Велес, претседателот Иванов ги посети населените места Горно Оризари, Раштани, Башино село, Иванковци, Мамутчево, Караслари и Црквино. На средбите со локалното население претседателот Иванов беше запознаен со севкупните активности и проекти што се реализираат во насока на натамошен развој на регионот. Посетата на Велес претседателот Иванов ја искористи и за средба со најстариот жител на општината, 97-годишната баба Цвета, на која по повод 8-ми март и подари цвеќе и и посака добро здравје.