Општински услуги – Пат кон ефикасност, транспарентност и отчетност
Денес во Општина Велес се одржа конференција на тема: „Општински услуги – Пат кон ефикасност, транспарентност и отчетност на локалната самоуправа“. Настанот се организираше во соработка со Микрософт Македонија и Логин системи. Свое обраќање на конференцијата имаа градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, директорот на Микрософт Македонија, Стефан Плавјански, менаџерот на Логин системи како и вработените во општинската администрација од одделението за информатичка технологија.
Директорот Плавјански потенцираше дека оваа конференција има за цел да овозможи споделување на досегашните искуства со воведувањето на информатичките системи а конкретно за Општина Велес потенцираше дека е лидер во оваа област.
Од страна на градоначалникот Чадиев беше изразено задоволство од тоа како се одвива досегашната соработка со Микрософт бидејќи сите имплементирани решенија даваат одлични резултати и истите се позитивно оценети и на европско ниво. Тој воедно напомена дека основната улога на општината е да се одговори на потребите на граѓаните и на бизнис секторот, да им се понудат лесно достапни услуги. Сето ова не значи да се запостават традиционалните начини на комуникација, но значи дека се преферира примена и фаворизирање на сите нови технологии кои ќе ја забрзаат комуникацијата.
Инаку Општина Велес е првата е-општина во Македонија која има воведено електронски услуги за своите граѓани и тоа благодарение на Microsoft Dynamics CRM платформата но го развива и системот за управување со предмети Case Management.
Во таа насока на денешната конференција од страна на директорот на Микрософт, на градоначалникот Славчо Чадиев му беше доделена благодарница за лидерство во процесот на унапредување на локалната самоуправа преку воведување на систем на е-Општина.
Придобивките се бројни, меѓу кои најважните: висок степен на транспарентност – граѓаните се во можност преку ВЕБ да го пратат статусот на извршување на нивните барања за услуги поднесени до општинската администрација; значително намалување на времето неопходно за обработка на предметите од страна на стручните служби, како и целосно исполнување на законски дефинираните временски рокови; зголемување на степенот на разбирање на потребите на корисниците (граѓаните); намалување на трошоците за обработка на предметите, вклучувајќи и трошоци на испорака.
На конфернецијата присуствуваа повеќе градоначалници и претставници на ЕЛС од Македонија. Со нив беа споделени позитвните искуства од користењето на ИКТ во Општина Велес за решавање на проблемите во секојдневното работење и начините за зголемување на ефективноста и ефикасноста на општинската администрација.








