Во Велес се одбележува „Глобалната недела на парите“
Во рамките на одбележувањето на „Глобалната недела на парите“ денес во ССОУ „Јовче Тесличков“ за средношколците од ова велешко училиште се одржа едукативно предавање. На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, претседателот на комисијата на хартии од вредност, Елизабета Чингаровска, извршниот директор на Македонска берза, Иван Штериев и директорот на економското училиште Нада Јованова.
Активностите за одбележувањето на глобалната недела на парите се организираат со цел да се поддигне финансиската писменост кај младите бидејќи тие во иднина треба да бидат оспособени да стапуваат на пазарот на работна сила, да влегуваат во финансиски трансакции и да носат правилни одлуки врз основа на информациите со кои располагаат.
Настани како денешниот го прават предметот пари и управување со пари подостапен до младите генерации, истакна при обраќањето пред средоншколците градоначалникот Славчо Чадиев.
„Лично сметам дека не само во една недела во годината, туку во секој ден од животот од управувањето со парите, од начинот на кој и приоѓаме на нивната вредност, зависи каков ќе ни биде животот. Низ нивната номинална вредност се определува вредноста на нашиот труд, а умешноста да ги претвориме парите во успешна инвестиција најдобро ја знаат нашите денешни гости”. – рече градоначалникот Чадиев
Оваа недела вакви предавања се реализираат во сите 27 економски училишта во републиката и како што напомена претседателот на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингаровска, истите се доста значајни затоа што преку него средношколците добиваат едукација и го осознаваат значењето и менаџирањето на парите.
„Сметаме дека со предавањето ќе се зголеми интересот за финансиските институции, за инвестирањето а сетоа тоа ќе доведе до подобрување и зголемување на финансиската писменост кај ученциите“, напомена, Чингаровска.
Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев посочи дека еден од основните предуслови за да се зголеми финансиската инклузија е да се подобри едукацијата на младите и на децата и да им се даде финансиско знаење.
„Во една пазарна економија, настаните на Берзата и околу неа се едни од најважните економски феномени. Токму нивното разбирање и толкување е поврзано со нивото на финансиска едукација. Постои глобален консензус дека нивото на финансиска едукација и писменост во светот треба да се подобрува и се повеќе луѓе да се вклучуваат во светот на финансиите, односно да се подобри финансиската инклузија”, рече Штериев.
Инаку глобалната недела на пари е иницијатива на Меѓународната организација за финансиска едукација на младите и децата. Оваа година Глобалната недела на пари се одржува од 10 до 17 март и во неа ќе учествуваат околу два мил и она деца од над 100 земји во светот. Тие ќе се вклучат во активностите кои ќе бидат организирани од над 500 институции и организации.