Државно првенство во одбојка за ученички од основно образование
Во Велес на ден 13.03.2014 год. (четврток) во ООУ „Васил Главинов“ во 16,30 часот се оддржа свеченото отворање на државното првенство во одбојка за ученички од основно образование во Република Македонија.Турнирот за отворен го прогласи Живе Катранџиев, член на Советот на Општина Велес. Притоа поздравувајќи ги присутните од името на градоначалникот и Советот, тој им посака добредојде на екипите од Скопје, Прилеп, Тетово и Штип и членовите на екипата домаќин.
„Јас и целата спортска јавност во Велес особено сме горди што нашата младост, иднината на овој град покажува особен интерес за одбојката. Тоа ни дава уверување дека на голема врата се враќа спортскиот живот кај младите во Велес. Се разбира за тоа огромна заслуга има Сојузот на училишен спорт од Велес и спортските педагози кои вложуваат огромни напори да го интегрираат спортот во онаа мера што тој навистина го заслужува. Овде морам да ги истакнам и напорите на Владата на РМ што преку МОН и Агенцијата за млади и спорт ги прават за омасовување на училишниот спорт. Нашиот домаќин, ООУ „Васил Главинов“ е прво училиште во Велес и едно од првите во РМ што го искористи бенефитот за регистрирање на училишен спортски клуб и на тој начин отвори простор за додатна афирмација и развој на спортските активности во училиштето”. – истакна во својот говор советникот Катраџиев.
На свеченото отворање присуствуваше и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, м-р Марјан Спасески кој во своето обраќање се осврна на училишниот спорт како главна база на таленти за македонската репрезентација, односно дека најуспешните ученици-спортисти ќе бидат идните носители на игрите во репрезентација.
Претседателот на Федерацијата за училишен спорт на Македонија проф.д-р Александар Туфекчиевски истакна дека сепак најважно од се да има почитување и фер-плеј меѓу сите учесници бидејќи секоја екипа што успеала да дојде до тука може да се смета за победник.
На завршниот турнир учество ќе земат основните училишта „Васил Главинов” од Велес, „Владо Тасевски” од Скопје, „Св. Климент Охридски” од Скопје, „Димитар Влахов” од Штип, „Братство - Миѓени” од Тетово и „Кире Гавриловски - Јане” од Прилеп. Финалните натпревари ќе се оддржат на 15.03.2014 година со почеток во 10.00 часот.