Подготовки за акцијата „Македонија земја на розата“

Започнаа подготвителните активности за реализација на проектот на Министерството за животна средина и Oпштина Велес „Македонија земја на цвеќето - Земја на розата“ во пресрет на Денот на пролетта – 21 Март. Локалната самоуправа за таа цел набави 2.500 садници рози, а ЈКП Дервен започна со засадување на првите 400.

 

300 садници рози се засадени на ул. „Димитар Влахов“ и 100 садници на ул. Благој Ѓорев кај споменикот на Панко Брашнаров. Розите се садат на локации каде има поставено систем за наводнување и каде тие ќе имаат оптимални услови за раст и развој. Овие денови ќе се подготвува остантиот терен за претстојното засадување. Првата локација на засадувањето ќе биде на влезот на Младинскиот парк наспроти семафорите, а ќе започне во Петок во 10.00 часот.
 
Покрај масовното садење на 21 март, планирани се и други активности за мотивирање на граѓаните да се вклучат во акцијата. Училиштата во своите наставни програми ќе внесат предавања и креативни работилници за розата, а производите ќе бидат презентирани на локални изложби.
 
Инаку еколошката кампања „Македонија земја на цвеќето – Земја на розата” има долгорочни позитивни ефекти по животната средина и здравјето на луѓето. Розите се повеќегодишно украсно растение, кои апсорбираат големи количини на олово и кадмиум во себе. Овие тешки метали се исклучително штетни за здравјето на луѓето. Експертите препорачуваат градот да биде збогатен со рози поракј сообраќајниците, улиците или на било кој отворен простор, затоа што тоа би илао повеќекратно позитивно дејство.
 
Општина Велес останува посветена на целта да спроведува активности за деконтаминација на загадената почва со тешки метали како со оваа акција, така и со спроведување на понатамошни активности за одржување на засадениот материјал и проширување на подрачјето за деконтаминација.