Тековни градежни активности на повеќе локации во градот
Денес градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев посети неколку локации во градот каде што во моментов се одвиваат тековни градежни активности. На просторот на поранешниот Офицерски дом се врши интензивно расчистување на теренот. Од неодамна се отстранети бетонските и металните огради. Во наредниот период ќе следат и завршните работи за уредување на овој простор кој ќе ги поврзува Гимназијата Кочо Рацин, новата црква Свети Кирил и Методиј, Младинскиот парк и зградата на Народниот театар ЈХК Џинот.
На влезот во градот, кај местото популарно наречено меѓу велешани „Штипско џаде”, во тек се градежните работи за изведба на кружниот тек на оваа крстосница. Со реализацијата на проектот за кружно движење, за два месеца, оваа клучка ќе биде една од најбезбедните за сите учесници во сообраќајот.
Се работи и во паркот пред ООУ „Васил Главинов”. Наскоро се очекува да заврши поставувањето на новата фонтана и системите за наводнување. Исто така ќе бидат подигнати и нови тревни, цветни и зелени површини. Просторот ќе биде допоплнително уреден со урбана опрема, летниковци и други интересни делови во новиот парк кој ќе претставува пријатно место за одмор и рекреација на граѓаните во овој дел на градот.