ОБЕЛЕЖАНИ ГОДИШНИНИТЕ ОД РАЃАЊЕТО И СМРТТА НА ВАСИЛ ГЛАВИНОВ
Во автентични услови, во оригинален амбиент на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век во Велес, беше обележана 145 годишнината од раѓањето и 85 годишнината од смртта на Васил Главинов. На обележувањето покрај бројните посетители присуствуваше Градоначалникот на Општина Велес м-р Славчо Чадиев и Министерката за култура во Владата на Република Македонија г-ѓа Елизабета Канческа Милевска.
Учениците на ООУ „Васил Главинов“ низ перформанс ја претставија дејноста на Главинов во софиската столарска работилница која е собиралиште на македонските идеолозои и револуционери од овој период, преку условите во кои се одвивала наставата во македонските училишта и начинот на кој се пренесувала вистината за Македонија кај учениците, па се до претставување на великаните на Велес и Македонија, Министерката и Градоначалникот не го криеја задоволството од начинот на кој учениците го доближија времето во кое живеел Главинов и од тоа како на директен, непосреден начин ја негуваат и развиваат љубовта кон својот народ и својата историја.
Во изјавата за медиуми Министерката соопшти дека во Националната програма на Министерството за култура за 2014 година се предвидени средства за откуп на преостанатиот дел од овој прекрасен објект за кој веќе се води постапка за процена. Но исто така соопшти дека грижата за старата велешка архитектура во Министерството се води континуирано, па така годинава се издвоени средства и за реставрирање на фасадите на на 5 куќи во улицата со стара градска архитектура „Јован Алабакот“, но и се одделени средства за реставрација на Спомен-костурницата.
Градоначалникот Чадиев истакна дека Општина Велес има обврска и морална и историска преку обележувањето на годишнините на историските личности да го доближи до младите генерации делото на сите знаменити велешани но и условите и времето во кое тие живееле.
„Кога е Васил Главинов во прашање имаме автентични услови да го доловиме тоа време во неговата родна куќа која е една од најубавите објекти со стара велешка архитектура. Иако уште во 1968 година објектот е прогласен за споменик на културата од страна на Заводот за заштита на спомениците на култура на Македонија, до 2009 година многу малку е ставен во функција. Благодарејќи на поддршката од Министерството за култура од 2009 година изработена е и поставена тематска поставка за животот на Васил Главинов, а Општина Велес во автентични услови во столарската работилница на Главинов, секоја година со учениците од основните училишта реализира столарска работилница со намера да се сочуваат етно-занаетите.“