ГРАДОНАЧАЛНИКОТ СЛАВЧО ЧАДИЕВ СО РЕАКЦИЈА НА ПРЕСКОНФЕРЕНЦИЈАТА НА СДСМ: ВЕЛЕШАНИ СЕ МУДАР И ЧЕСЕН НАРОД. ТИЕ МНОГУ ДОБРО ЗНААТ И ГЛЕДААТ КОЛКУ И КАКО СЕ РАБОТИ ВО НИВНАТА ОПШТИНА

Maнипулациите на СДСМ продолжуваат и понатаму. Нивната вчерашна пресконференција е потврда за фактот дека во недостиг на аргументи, паушалните тврдења се беспомошно оружје со кое сакаат да го прикријат задоволството на Велешани за сработеното во изминатата 2013 година. Во Велес се гради и се создаваат дела исклучиво за потребите на граѓаните. Успешно реализираната 2013 година за нас е доказ дека сме на добар пат. Повеќе од 120-те реализирани проекти, не охрабруваат да веруваме во тоа.

 

Во интерес на вистината, уште еднаш ќе истакнеме дека во текот на изминатата година:

• Се оформи новата индустриска зона во Караслари.
• Општина Велес го доби сертификатот за општина со поволно деловно окружување во Југоисточна Европа.
• Се потпиша и договорот за новата инвестиција во Велес на германската фабрика „Marquardt GmbH“.
• Беше изграден пешачкиот надвозник над железничката пруга Велес-Битола.
• Се асфалтираше патот до с. Ораовец и дел од патот до с. Иванковци.
• Заврши првата фаза од реконструкцијата на делницата Велес-Кадрифаково.
 • Асфалтирани, поплочени, бетонирани и уредени беа повеќе од 30 улици во општината.
• Плоштадот Којник доби нов лик. Беа уредени и неколку други урбани простори низ градот.
• Се реконструираше патниот премин преку Стар мост.
• Беа уредени паркинг-простори во близина на Градскиот пазар и во близина на Работничкиот универзитет.
• Во индустриската зона УЗУС се работеше на доизградба на инфраструктурата, уредување на улици и изградба на водоводна и канализациона мрежа.
• Се работеше на изградбата на системот за водоснабдување на Крајбрежниот појас на Езерото Младост и населените места Башино село, Речани, Отовица, Новачани.
• Се изврши санација на кровот од пазарот во Нова населба како и на Спомен-костурницата.
• Се пуштија во употреба новите реконструирани простории на Технолошко-техничкиот факултет во Велес кои се наоѓаат во поранешниот хотел Вила Зора.
• Се реконструираа и модернизираа Гимназијата Кочо Рацин и ООУ „Св. Кирил и Методиј”.
• Беа обновени топловодните системи во повеќето средни и основи училишта во градот.
• Се уредија нови спортски игралишта, во близина на општинската зграда и во близина на автобуската станица.
• За прв пат по изградбата на градскиот стадион, започна неговата реконструкција и замена на тревната површина.
• Општината го доби во сопственост и поранешниот Офицерски дом. Просторот започна да се уредува во нов парк и зелен појас.
• Се реконструираше малото паркче во близина на Ликовниот салон. Паркот пред општината и многу други зелени површини добија нов лик.
• Започна реконструкцијата на уличното осветлување. Ги заменивме старите светилки со штедливи во повеќе средни и основни општински училишта.
• Се означија и нумерираа улиците и плоштадите во градот
• Се поставија ракохвати и огради во високите зони.
• Конечно се измени ГУП-от со кој се избриша топилницата од планската документација.
• Се спроведе проектот за Грижа на стари лица во домашни услови, проектот Патролен социјален работник и СОС линија. Беше набавен и Брајов печатар за потребите на слепите лица и лицата со оштетен вид. Се воведе бесплатен превоз за пензионерите во Велес.
• Градскиот парк, спортската сала и стадионот станаа слободни интернет зони.
• Се стипендираа 8 талентирани студенти и 8 средношколци.
• Беа организирани низа спортски и културни манифестаиции од локален, национален и меѓународен карактер.

Очигледно, сите овие проекти заедно со интензивните градежни активности кои што се случуваат во општината овој период, влеваат страв во СДСМ и резултираат со безидејни пресконфенреции. Недостигот на идеи, СДСМ го надоместува со пласирање на апстракти теми и попречување на секој развоен проект.

Но сето тоа никако не поминува кај жителите на Велес. Велешани се мудар и чесен народ. Тие многу добро знаат и гледаат колку и како се работи во нивната општина.