ВЕЛЕС ВЧЕРА БЕШЕ ЗАФАТЕН СО СИЛНО НЕВРЕМЕ. ОЛУЈАТА ОТКОРНА И ИСКРШИ ПОВЕЌЕ СТЕБЛА ВО ГРАДОТ


Во попладневните часови на 19 март (среда) Велес беше зафатен од невреме со ветар чии удари беа со орканска силина. Иако траеше релативно кратко, само неколку часа олујата откорна и искрши повеќе стебла во градот:
 
• Откорна дрво од дворот во Официрски дом чии гранки се најдоа на тротоарот улицата „Благој Ѓорев“.
• Едно стебло беше откорнато и во училишниот двор на ССОУ „Коле Неделковски“ со што на кратко го оневозможи сообраќајот на улицата „Андон Шурков“.
• Едно стебло падна на патот пред мостот на Башино Село, а едно во зелената површина кај семафорите.
• Силниот ветар искрши многу гранки на јаворите на Којник и на другите платанови дрва што се заштитени со закон.

За среќа, благодарејќи на совесната и брза интервенција на службите последиците од невремето се веднаш отстранети. Овој пат ветрот направи само материјална штета и не предупреди дека мораме да бидеме повнимателни со дрвата склони на паѓање и опасностите што можат да настанат од нив во услови на невреме.
 
Уште веднаш Градоначалникот на Општина Велес побара мислење од Комисијата за процена на деградирани дрвја на територијата на Општина Велес за потребата од интервентно отстранување на стебла што можат да ја нарушат безбедноста на граѓаните на Велес.
 
По добивање на мислењето од стручната комисија при ЈКП Дервен, Општина Велес ќе издаде одобрение за отстранување на сите дрјва кои претставуваат потенцијална опасност за движењето на луѓето и одвивањето на сообраќајот.
 
На местото на оние дрвја што ќе се отстранат ќе бидат засадени двојно повеќе. Неодамна во таа насока со донација на бизнис заедницата беа засадени 130 липи и 20 врби во градот. Општина Велес ќе продолжи со овој интензитет и во наредниот период.