Совет на Општина Велес
Во рамките на 35-та седница, Советот на Општина Велес ја усвои Предлог програмата за активностите на општината во областа на културата за 2007 и 2008 година. Како што образложи предлагачот, градоначалникот Аце Коцевски, програма за активностите на општината во областа на културата за период од две години ќе и овозможи на Општина Велес како избрана од Владата на Кралството Холандија да аплицира до Амбасадата на Кралството Холандија за добивање на финансиска поддршка за реализација на програмата преку Фондот за култура и развој.
На седницата, Советот на општината ги усвои нацрт Буџетот за 2007 година и нацрт програмите за активностите на општината во областа на уредувањето на градежното земјиште и заштита на животната средина; локалниот економски развој; образованието, спортот, младите и поддршката на нво секторот; социјалната заштита; заштитата, спасувањето и противпожарната заштсита; промоцијата и комуникацијата со јавноста, како и меѓународната соработка.
Советот на Општината ја усвои и Предлог-одлуката за утврдување на намена на објект, сопственост на Општина Велес со што поддршка доби идејата објектот во сопственост на општината лоциран на ул„Страшо Пинџур“ бр. 10 да се намени за отворање на Народна кујна во соработка со Повардарската Епархија.