Во полн ек е реконструкцијата на патот од Велес до село Иванковци
На локалниот пат Јазла – с. Иванковци продолжуваат интензвините градежни активности за негова реконструкција и асфалтирање. Денес во увид на работењето на оваа делница беше Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Миле Јанакиески заедно со градоначалникот Славчо Чадиев. Според министерот Јанакиески, локалниот пат до велешкото село Иванковци, што е изграден во 1976 година, бил во најлоша состојба во државата, а се гради на барање на 2.000 жители од двете населени места, Иванковци и Мамутчево.
„Задоволен сум од текот на градежните работи, од кои преостануваат да се доизгради односно доасфалтира уште 1,5 километри од патот. Очекуваме согласно потпишаниот договор динамиката на работа на изградба на патот да заврши некаде во мај, а со тоа да добиеме модерен реконструиран пат во должина од околу 10 километри, со вредност од 750 илјади евра, средства кои ги обезбеди Владата на Република Македонија.” – истакна Јанакиески.
Градоначалникот Чадиев при денешната посета на локацијата каде се изведуваат градежните работи истакна дека оваа реконструкција е од големо значење за жителите на селата Мамутчево и Иванковци, бидејќи е единствена сообраќајница која овозможува комуникација со општинскиот центар Велес.
„Градежната офанзива во Велес не прекинува од кога сум јас градоначалник, континуирано се гради во соработка со Владата на Република Македонија. а истата ќе продолжи и во иднина.“ – рече градоначалникот Чадиев.
Инаку проектот за реконструкција на патниот правец кон с. Иванковци и проектот за реконстркција на локалниот пат кон селата Раштани и Бузалково се двата проекта кои на Општина Велес и беа одобрени од страна на Јавното претрпијатие за државни патишта.