Ригорозни мерки против нелегалните такси превозници

ImageНа средба со новинарите градоначалникот Аце Коцевски ги запозна со измените во Законот за превоз во патниот сообраќај кои стапуваат во сила на 13 декември. „Бев потполно во право кога упорно инсистирав во конфликтот што го имавме со нелегалните такси превозници во Велес да не им давам лиценци додека не се исполнат законските услови. Новата Влада на Република Македонија предложи закон со кој не само што не ги прифати ставовите на таксистите и не ги ослободи од фискализација, како услов да добијат лиценци од градоначалниците туку законските услови уште повеќе радикално ги заостри.
 
Таксистите ќе добиваат лиценци со траење од една година наместо 4 години како досега, а за да им се продолжи лиценцата ќе мораат да достават потврди за вршење на дејност.Со еден член од законот се регулира правото на советите на општините да го одредат максималниот број на такси возила. Такси превозниците ќе можат да вршат такси превоз само на подрачјето на општината од која добиле лиценца. Казните се драстично зголемени и одредбите утврдуваат казни во висина од 500 евра за непочитување на Законот, а еден член утврдува и кривично дело доколку се врши неовластен такси превоз. Законот го одзема правото на сообраќајните инспектори да одземаат таблички, но тие ќе го задржат правото да исклучуваат возила од сообраќај само со одземање на возачка дозвола“. Градоначалникот упати апел до Секторот за внатрешни работи да преземат санкции согласно со нивните надлежности против сите прекршители кои не го почитуваат законот.