Градоначалникот Чадиев оствари средба со белгиската амбасадорка


На 8-ми април годинава, Градоначалникот Славчо Чадиев оствари средба со Н.Е. госпоѓа Аник Ван Калстер, Амбасадорка на Неговото Величество, Кралот на Белгијците и господинот Вилем Де Грав, Директор за односи со јавност на Белгискиот стрип Центар со седиште во Брисел. Градоначалникот ги презентираше клучните аспекти од развојот на Велес, особено на планот на локалната економија. На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката со Белгија на културен план и започнување на соработка во областа на економскиот развој и инвестициите. Градоначалникот нагласи дека Општина Велес е секогаш отворена за соработка и подготвена за нови предизвици во интерес на граѓаните.

На средбата беше изразено задоволство од досегашната успешна соработка помеѓу Стрип центрите на Македонија и Белгија и беше нагласена поддршката што оваа специфична уметност ја добива од општините и државните институции во двете земји. Во рамките на својот престој во Велес, Амбасадорката Ван Калстер ги посети црквата „Св. Великомаченик Пантелејмон“, куќата на Касапови, а имаше можност да посети и грнчарска работилница и на лице место да се запознае со грнчарството како традиционален занает во Велес.