Стрипот не спријатели со Белгија


Знаевте ли дека Штрумфови, Таличниот Том и популарниот Тин Тин се родени во Белгија? За овие светски стрип јунаци, велешани имаа можност да слушнат лично од Вилем де Грав, директор за односи со јавност на Белгискиот стрип Центар. На презентацијата посветена на стрипот во Белгија како голем успех за мала земја, Де Грав ги однесе велешани на патување низ историјата на белгиската стрип уметност, моментите на создавање на популарниот Музеј на стрипот во Брисел и креирањето на 5 белгиски училишта за стрип уметност. Ова интересно предавање кое ги привлече младите генерации во Велес беше увертира во главниот настан посветен на стрип уметноста и билатералната соработка со Белгија: Отворањето на изложбата „Неро“ на истакнатиот белгиски стрип уметник Марк Слин.

 

На 8-ми април годинава, во Ликовниот салон изложбата ја отворија Градоначалникот Славчо Чадиев и Амбасадорката Аник Ван Калстер кои изразија задоволство од можноста за воспоставување на пријателство помеѓу стрип уметниците и граѓаните на Македонија и Белгија. Амбасадорката Ван Калстер го посети и Стрип центарот во Велес и нагласи дека токму нивното постоење и работа е причина што Велес беше избран како прв град на Балканот во кој треба да започне патувањето на изложбата „Неро“. Сите љубители на стрип јунаците и неверојатните стрип приказни имаат можност во наредните две недели да ја посетат изложбата во ликовниот салон.