Продолжува соработката со Франција во заштитата на старата архитектура


На 11-ти април годинава, Градоначалникот Славчо Чадиев во функција на претседател на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство оствари средба со Марилиз Ортиз, директорка на Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност и Жан Руже, потпретседател на асоцијацијата. На средбата беа разгледани реализираните активности за попис на архитектонското наследство во Велес, Берово, Штип, Кратово и Куманово. Градоначалникот Чадиев изрази задоволство од постигнатите резултати и можностите да се направат уште поголеми интервенции на планот на заштитата на староградската архитектура. На средбата со претставниците на Француската национална асоцијација стана збор за претстојните активности за партнерско аплицирање на двете асоцијации на проекти пред европските фондови.

Интензивирањето на соработката, вклучувањето на млади кадри од областа на архитектурата, размената на знаења и итните мерки кои треба да се преземат за заштита на градителските занаети поврзани со старата архитектура беа само дел од темите на средбата. Следните конкретни активности на двете асоцијации се најавени за септември годинава.