Амбасадорот на САД и градоначалникот волонтираа во Хабитат

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Пол Д. Волерс и неговата сопруга Мери Џо Волерс, заедно со градоначалникот Славчо Чадиев, денес беа дел од тимот на волонтери ангажирани за изградба на зградите во населбата Хабитат.

 

„Овде сум затоа што сакаме да волонтираме, сакаме да им помагаме на луѓето . Волонтирањето е американски обичај. Многу волонтираме во САД. Сакаме да ја прошириме таа идеја и овде во Македонија. Добар пример за нас е да видиме што ќе излезе од ова и многу е забавно. Да се работи заедно и да се постигне нешто само по себе е многу забавно,“ рече амбасадорот Пол Волерс.

Доказ дека волонтирањето е препознатлива работа за Општина Велес, според градоначалникот Чадиев е минатогодишната награда која локалната самоуправа ја доби токму за волонтерски практики. И денеска како и многу пати досега тој несебично вложи дел од работниот ден во градба на становите кои во иднина ќе бидат дом за 12 велешки семејства.

„Оној момент кога ќе заврши градбата на оваа зградата ние пристапуваме кон решавањето на овој простор на кој се наоѓаме. Ќе се изградат улици, потпорн ѕид и паркинг простор“, истакна градоначалникот Чадиев.

Во моментов во тек се градежните активности на петиот објект, а по завршувањето со работа, становите ќе бидат наменети за семејства со пониски примања. Во веќе изградените згради, свој дом обезбедија 24 велешки семејства.

Инаку „Хабитат“ во Македонија моментално работи на осум различни програми и тоа: енергетска ефикасност, водоснабдување, обезбедување кредити за реконструкција и реновирање, со вкупна инвестицијата од 10 милиони долари.