Велес го одбележа Денот на Европа и Денот на победа над фашизмот
Во соработка со Делегацијата на Европската унија денес во Велес беше обележан двојниот празник на Европа – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европската унија.
Делегации на општината, институциите и граѓани на Велес се поклонија на Спомен – костурницата во знак на почит кон жртвите на фашизмот, а празнувањето на Денот на Европската унија помина во знакот на 10 годишниот јубилеј од најголемото проширување на Унијата. Сите седум општински основни училишта се вклучија во обележувањето на 9-ти Мај со претставување на традицијата, обичаите, културата и стопанството на дел од земјите членки на ЕУ. Гостин на Велес беше Амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, НЕ Бранко Раковец. Амбасадорот и Градоначалникот заеднички ја посетија Свињарска фарма за тов на гоеници „Дачо – Комерц 95“ финансирана со средства на ИПАРД програмата на ЕУ.
Во своето обраќање во Младинскиот парк Градоначалникот на Општина Велес м-р Славчо Чадиев истакна дека без оглед што формално сеуште не сме членка на Унијата, вратата кон Европа за нас е широко отворена – со визната либерализација, со можноста за користење на европските фондови, со долгогодишното присуство и помош на Комисијата за европски прашања во Македонија и подадената рака за помош и пријателство. Затоа 9 Мај го чувствуваме и за свој ден, за свој празник.
На задоволство на сите овој денешен настан беше збогатен со програмата на учениците на ООУ „ЈХК Џинот“ во чест на роденденот на планетата земја. Оваа програма требаше да се оджи на 22-ри Април, но поради лошите временски услови беше одложена за денес.